Вулкан во Југоисточен Иран се подигнал за околу 9 сантиметри во период од десет месеци. Иако оваа промена изгледа мала, нејзиното значење е огромно.
Ново истражување, користејќи сателитски податоци, открило дека притисокот под површината се зголемува, што укажува дека системот под врвот на вулканот повторно станува активен.
Вулканот Тафтан - древен џин што се буди
Вулканот Тафтан никогаш не еруптирал, но новите сигнали покажуваат дека е време научниците внимателно да го следат.
Тимот користел радарска техника позната како „Инсар“, која ја мери промената на Земјината површина преку сателити. Притоа биле користени сателитите „Сентинел-1“, кои можат да снимаат и дење и ноќе, дури и низ облаци. Подигнувањето на Тафтан траело од јули 2023 до мај 2024 година, а најмногу било забележано околу самиот врв. Бидејќи земјата не се вратила во претходната состојба, тоа значи дека притисокот сè уште не се ослободил.
Тафтан е оддалечен и нема инструменти на самото место, како континуирани ГПС-приемници, па затоа сателитската опсервација е единствената ефикасна метода за следење на оваа планина, која ретко кој ја посетува, но во нејзина близина има многу населени места.
Каде се создава притисокот?
Моделите покажуваат дека изворот на деформацијата се наоѓа на длабочина од 490 до 630 метри под површината. Таквата плитка зона укажува на активност на гасови што циркулираат низ хидротермален систем, мрежа каде што топла вода и гас се движат под вулканот.
Научниците ги испитале можните надворешни фактори и ги исклучиле силните дождови и земјотресите како причини. Промените се случиле без надворешно влијание, што посочува на внатрешни геолошки процеси.
Подлабоко, на повеќе од 3,2 километри, се наоѓа резервоарот со магма, голема маса на стопена карпа. Според истражувачите, моменталниот притисок најверојатно доаѓа од гасови над магмата, а не од свежа магма што се искачува.
Митот за „изумрен“ вулкан
Тафтан е стратовулкан висок 3.940 метри, составен од слоеви на лава и пепел. На неговиот врв има отвори од кои сè уште излегува гас, што покажува дека внатрешниот систем е жив. Археолошките и геолошките записи од последните 10.000 години се оскудни, па долгиот молк не значи дека вулканот е навистина мртов.
Многу вулкани мируваат со векови, па потоа покажуваат промени во рок од неколку месеци. Затоа научниците не се потпираат само на облаци пепел како предупредувачки знак, туку ги следат и гасот, топлината и движењето на земјата.
Најверојатната причина за сегашното подигнување е натрупување на гасови во тесни пукнатини во карпите. Кога притисокот од гасовите расте, земјата се крева малку, а врвот реагира прв. Можно е и мала количина стопена магма да ослободила гасови што испаруваат, кои се движат нагоре и го зголемуваат притисокот во површинските слоеви.
Иако тоа не значи дека претстои ерупција, укажува дека вулканот треба внимателно да се набљудува бидејќи притисокот секогаш мора некаде да се ослободи.
Ризиците од вулканот Тафтан
Најверојатна опасност се експлозиите што се случуваат кога врела вода се претвора во пареа блиску до површината. Таквите гасни испади можат да ги иритираат очите, белите дробови и земјоделските култури во близина. Градот Хаш, кој се наоѓа на околу 50 километри од вулканот, е доволно близу за повремено да се почувствува мирис на сулфур.
Научниците планираат да го мерaт присуството на гасови околу врвот и на падините, особено сулфур диоксид, јаглерод диоксид и водена пареа, кои можат да покажат дали притисокот расте или се намалува. Сателитите ќе продолжат да го следат Тафтан. Методот „Инсар“ може да забележи дури и мали промени и да ги предупреди локалните тимови.
Властите можат однапред да подготват патишта за евакуација, карти на ризици и упатства за населението бидејќи јасните протоколи денес можат да спасат животи утре.
Многу вулкани во светот покажуваат слични, бавни промени кои никогаш не завршуваат со ерупција. Но, некои, по долга пауза, многу брзо стануваат активни. Затоа е важно постојаното следење.
Извор:
Earth.com
Фото:
Wikipedia