X
 11.12.2025 Живот

Препознаени најдобрите Deep Tech идеи: Завршен изборот на наградите од NanoBioTech Nexus

Презентацијата и изборот на најдобрите иновативни идеи од натпреварот Deep Tech EnterPRIZE, реализиран во рамките на проектот NanoBioTech Nexus, успешно се финализирани со доделување признанија и парични награди за најистакнатите учесници. Настанот претставува значајна платформа за поддршка на развојот на напредни технологии, овозможувајќи реална примена на истражувачките идеи во бизнис-секторот - со силен општествен и технолошки импакт.

Професорката Андријана Боцевска, раководителка на проектот NanoBioTech Nexus, истакна дека суштината на проектот е поврзувањето на нанотехнологијата и биотехнологијата со претприемништвото засновано на иновации. 
Проектот се спроведува во соработка со професори од Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола и Економскиот факултет во Прилеп, единици на УКЛО, со цел да им се овозможи на студентите и младите истражувачи да развиваат идеи што можат да се трансформираат во реални решенија. 

1

Во рамките на проектот предвиден е фонд од 25.000 евра, распределлив меѓу две до четири најдобри иновативни идеи. Оваа година на повикот се пријавија осум исклучително квалитетни и визионерски предлози кои ја демонстрираат напредната технолошка зрелост на младите истражувачи. Деветчлена комисија составена од претставници на академската заедница, индустријата и невладиниот сектор спроведе објективен и транспарентен процес на евалуација, посочува професорката Боцевска.

2

Првата награда од 12.000 евра ја освои Драганчо Николов со идејата Интелигентен систем за мониторинг на ферментацијата во производството на вино. Втората награда – 8.000 евра – му беше доделена на студентот Кристијан Саламовски од Ветеринарниот факултет при УКЛО, за иновативната концепција Дигитално поддржана One Health апитерапија во планинското пчеларство. Третата награда, во износ од 5.000 евра, ја доби Металотехника ДОО Прилеп за идејата OGNOSTOP – Нано хидрогел за екоефикасно гаснење пожари.

- Нашиот универзитет силно ја поддржува иницијатива како дел од својата поширока стратегија за унапредување на научните истражувања, иновациите и одржливите технологии. Програмите и активностите на УКЛО преку кои се промовираат Целите за одржлив развој, меѓународната научна видливост и соработката со заедницата, создаваат стабилна основа за развој на академска средина која ги охрабрува иновативниот дух и применетата наука, оценува проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ.

3

Во академската средина внимание привлекува идејата на студентот Христијан Саламовски. Тој, поттикнат од семејната традиција во пчеларството, разви модел за модерно пчелно семејство опремено со сензори за температура, влажност, следење на здравствените параметри на пчелите и други дигитални алатки. Според него, интеграцијата на сензорските технологии може значително да ги подобри здравјето на пчелните колонии, приносите и раното препознавање на ризиците, што е од суштинско значење како за пчеларите така и за целокупниот One Health концепт. Саламовски нагласува дека знаењето стекнато на Ветеринарниот факултет - Битола, како и учеството во меѓународни програми и мобилности, имало клучно влијание врз развојот на неговиот проект и претставува пример како студентите можат да ги користат понудените академски можности за креирање конкурентни иновативни решенија.

Настанот се одржа на 5 декември 2025 година во Домот на Армијата во Битола, по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Преку оваа иницијатива Универзитетот уште еднаш ја потврди својата улога како активен двигател на иновациите, знаењето и технолошкиот развој во регионот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот