X
 12.05.2023 Живот

Жителите на ова швајцарско село мора веднаш да се иселат - голема карпа може да им ги уништи домовите

Жителите на едно мало швајцарско село добија наредба од локалните власти да ги спакуваат куферите и веднаш да ги напуштат домовите. Огромни блокови од карпи од планината над нив ќе се урнат и ќе паднат во долината во следните неколку дена. Наредбата за евакуација не го изненади населението од околу 70 селани бидејќи селото Бриенц веќе некое време се смета за геолошки ризично подрачје.

Живописното село Бриенц е сместено на кос терен што се спушта до блага долина. Иако експертите неодамна најавија дека опасното свлечиште се смирува, движењето на карпите неочекувано се забрза. Селаните веќе се приспособени на присуството на големи камења кои паѓаат во нивните градини, но никој не можел да предвиди дека толку брзо ќе мора да ги напуштат нивните домови.

Наредбата за евакуација дојде ненадејно во вторникот откако последните процени на ризикот покажаа дека падот на карпите е неизбежен. Отсега нема да смее да влезе никој што не живее во Бриенц.


- Ми се допаѓа овде, Бриенц е многу убаво и тивко село. Сè се случи многу брзо. Мислевме дека ќе имаме повеќе време - рече една млада жена за швајцарските медиуми.

На повеќето жители им е понудено сместување во соседните села, каде што е одморалиштето Ленцерхајде, кое има многу простор бидејќи заврши скијачката сезона, а летото сè уште не започнало.

Многумина се прашуваат зошто едно швајцарско село би доживеало ваква судбина, каде што градежните прописи се строги, а процената на ризик е постојана. Но, швајцарските алпски региони се особено ранливи на глобалното затоплување. Како што глечерите се намалуваат и вечниот мраз високо во планините почнува да се топи, карпите стануваат сè понестабилни.

Обилните врнежи, поврзани со глобалното затоплување, поттикнуваат ерозија и лизгање на земјиштето, а токму тоа е сценариото што се одигра во Бриенц. Прогнозите за понатамошни обилни врнежи во текот на оваа недела беа она што ја поттикна ненадејната одлука на властите за евакуација.


За потсетување, во 2006 година огромни парчиња карпи паднаа од познатиот швајцарски Ајгер, што предизвика затворање на патеките за пешачење и ги поттикна геолозите да издадат предупредување дека ваквите настани може да се почести. Во 2017 година голем одрон го погоди и селото Бондо, затрупувајќи го и убивајќи осум луѓе. Минатото лето најновите мерења покажаа дека швајцарските глечери изгубиле повеќе од половина од својот волумен во изминатите 100 години.

Како точно ќе падне тој камен, не е јасно. Постои можност за постепено лизгање по падината, избегнувајќи ги повеќето села. Но, постои и опасност од ненадеен колапс што може да го уништи Бриенц засекогаш. Мештаните се надеваат дека ќе се вратат во своите домови.

Извор: Abc.net | Putnikofer.hr
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот