Иако денес тоа е реткост, сè уште може да се најдат дијагнози на германски лекари од 60-тите за некаква таинствена „морбус медитеранеус“ - медитеранска болест која практично без исклучок ги зафаќала работниците во Германија со потекло од медитеранските земји. Постоела и дијагноза морбус босфорус за работниците што доаѓале од Турција. Дури и во неформални разговори меѓу германскиот медицински персонал сите знаеле што значи кога се зборува за „мама-миа синдром“: повторно некој Италијанец или Шпанец што дошол да се жали и веројатно само бара боледување.
Како што тврди Меријам Шулер-Очак, лекарка и раководителка на психијатриска амбуланта во Берлин, ваквата очигледна дискриминација денес е значително помала, но сепак не е целосно исчезната од умот на германските лекари. Медицински гледано, секако дека е целосна бесмислица: секој човек има исти чувства и исти болки.
Проблемот бил и во соочувањето на германските лекари со други култури: од една страна, дури и во рамките на истото општество некаде прагот кога некој ќе признае дека е болен не е ист. А од друга страна, постои банален проблем со непознавањето на јазикот: кога пациентот може само да каже дека го боли „сè“. Кај работниците од странство, покрај тоа, навистина била честа и клиничка депресија во новата, ладна и непозната Германија.
- Такво согледување и разбирање во тоа време не постоело. Недостигале културолошки информации за различните групи во нашето општество - вели лекарката. Всушност, и денес во образованието на лекарите се полага на бел, млад и европски маж како прототип и за дијагноза и за терапија. Дури и жените често се само „фуснота“ во дозирањето лекови, ако не станува збор за „женски болести“. Во анкета меѓу студенти по медицина во Германија од 2023 година е утврдено дека и денес премалку се учи за можните разлики меѓу културите, а сè уште се среќаваат расистички предрасуди и дискриминации од сите видови.
Во стручната медицинска литература ретко има податоци за лица со мигрантско потекло. Сè уште постојат книги со очигледно расистички ставови, на пример, за нивната вина за ширење на сексуални болести или за склоноста на странците кон алкохол или дрога - вели докторката.
Болеста на телото често е поврзана со психички проблеми
Секако дека состојбата во Германија се подобрува, но дискриминацијата сè уште постои: почесто странци отколку „домаќини“ добиваат погрешна или недоволна терапија, нивните жалења за болка се сфаќаат површно и не им се препишуваат соодветни аналгетици.
А ако пациентот е од странско потекло и уште е жена, тогаш неразбирањето меѓу културите е длабоко. Според истражувањето „Надира мониторинг 2023: расизам и неговите симптоми“, од 21.000 лица со странско потекло, секој трет барем еднаш побарал друг лекар или болница затоа што верувал дека првиот лекар не го разбирал или не ја сфатил сериозно неговата болка. Ова го направиле дури 39 отсто од жените со темна кожа, 35 отсто од муслиманките и 29 отсто од жените од азиско потекло.
Секако, има и Германци кои се обраќаат кај друг лекар само затоа што не слушнале што сакале или не стекнале доверба во неговите способности и знаење. Но, кај лицата од странско потекло овој процент е значително поголем токму поради проблемот што германските лекари сè уште не можат целосно да го разберат: болеста на телото често е поврзана со психички проблеми.
Проблемот е очигледен и добро познат: дури и во Акцискиот план против расизам на германската влада од 2017 година се констатира дека кај жените со мигрантско потекло има значително поголема веројатност за тешки психички болести и поголема опасност од самоубиство. Истовремено, токму тие жени поретко бараат медицинска помош, што може да биде последица на срам или чувство на вина. Но, честопати проблемот е и банален бидејќи тие жени не го познаваат доволно германскиот јазик за да ги објаснат своите проблеми или тегоби.
Извор:
24sata.hr
Фото: Freepik