X
 02.02.2026 Живот

Во Јапонија отворен бар кој нуди бесплатни пијалаци и совети за кариерата за сите што размислуваат да дадат отказ

Замислете бар во кој не одите за да го заборавите работното место, туку за да разговарате за него. Токму такво место неодамна беше отворено во Јапонија и веќе привлекува големо внимание.

Ако прошетате околу повеќето големи железнички станици во Јапонија, ќе наидете на безброј барови. Тука се традиционалните изакaи, пабови со мали закуски, вински и саке барови, но и клубови скриени во споредни улички. Сепак, во близина на станицата Јокохама се наоѓа нешто сосема поинакво - бар наменет исклучиво за луѓе кои размислуваат за промена на работата.

Називот на ова необично место е „Теншоку содан бар“, што во превод значи „Бар за консултации за промена на работата“. Тука пијалакот е бесплатен, а главни теми на разговор се кариерата, дилемите и професионалните патеки. Зад шанкот не стојат класични бармени, туку советници од кадровската агенција ЛИА.

Кариера и пијалак

Зошто тогаш едноставно не закажете состанок во канцеларијата на агенцијата? Затоа што овој бар нема амбиција да биде класична агенција за вработување. Идејата е да се создаде простор за разговори кои не спаѓаат ниту во формални интервјуа ниту во неформални разговори со пријатели.

Помеѓу речениците „Ја сакам мојата работа и сакам да останам засекогаш“ и „Го мразам работното место и сакам веднаш да дадам отказ“ постои цел спектар на чувства. Токму тука се појавува проблемот. Луѓето што се некаде во средина често немаат кому да се обратат за објективен совет. Семејството и пријателите се емотивно вклучени, а од друга страна, одењето во агенција за вработување подразбира CV, јасно дефинирани цели, очекувана плата и формално деловно однесување.

Искрено, тоа се премногу обврски ако уште не сте подготвени да дадете отказ.

„Теншоку содан бар“ сака да понуди алтернатива, односно место каде што ќе можете опуштено да разговарате со експерт за кариера. Тука не се подразбира дека веќе сте донеле одлука за промена на работата. Напротив, околу 60 отсто од посетителите велат дека сè уште не се подготвени за тој чекор.

Разговорите се одвиваат во приватни простории, еден на еден, за да се зачува дискретноста. Нема потреба да носите CV, да облечете костум или да составувате листа со свои слабости и предности. Идејата е дека можете да кажете: „Не си ја мразам работата, но не сум сигурен дали тоа е место каде што сакам да останам долгорочно“.

Поради индивидуалниот пристап, доаѓањето е можно исклучиво со резервација, која се закажува преку апликацијата „Лајн“. Разговорите траат од 60 до 90 минути, но нема строго определено времетраење. Она што дополнително изненадува е фактот дека и пијалакот и консултациите се целосно бесплатни.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот