X
 12.08.2018 Живот

Жени од ИТ-секторот раскажуваат како се помалку платени од мажите

Замислете да си дојдете дома од продавница и да дознаете дека вашиот сосед пазарува во истата продавница, ги купува истите продукти, но плаќа околу 20 отсто помалку од вас. И кога ќе се пожалите, ќе ви кажат дека не можете да сторите ништо, такви се законите за луѓето како вас, иако има закони што го велат спротивното.

Какви би биле вашите чувства за оваа продавница? Дали и понатаму би пазарувале таму? Помислете на оваа аналогија додека размислувате како жените сè уште се помалку платени од мажите, дури и за вршење на истата работа.

Според нов извештај на страницата „Хајрд“, во 63 отсто од случаите на мажите во технолошката индустрија им се нуди поголема плата отколку на жените за истата работа во истата компанија. Просечно, овие компании им нудат на жените за четири отсто помала плата отколку на мажите за истата работа. Некои им нуделе дури и за 45 отсто помала плата на жените.

Добрата вест од извештајот на страницата за барање работа е што во Сан Франциско, кој е голем технолошки центар, има најмала разлика во платите меѓу мажите и жените. Тоа може да е поради влијанието на најголемиот работодавец „Сејлсфорс“, компанија која двапати досега им ги покачуваше платите на жените во име на еднаквоста.

Во документарен филм наречен „Чејсинг Грејс“ (Бркајќи ја Грејс) неколку жени ги раскажуваат своите приказни за тоа како биле помалку платени од мажите. Во првата епизода се разгледуваат разликите во платите. Во документарецот се прикажани неколку стории на жени во технологијата, вклучително инженерки, бизнисменки и основачки. Филмот прикажува како тие откриле дека нивните колеги добивале поголема плата од нив и како таа информација се заканувала да ги исфрли од шини нивните кариери. На пример, во еден случај компанија му дала понуда за работа на маж кој бил на почетно ниво и му понудила поголема плата отколку на жена што веќе со години била во компанијата.


Некои велат дека фирмите не треба да им даваат иста плата на луѓето врз основа на нечија идеја за морал и фер однос. Тоа, според нив, би ги зголемило трошоците и би ѝ наштетило на компанијата. Контрааргументот е дека преку одредувањето на платата врз основа на тоа како изгледа некој наместо врз основа на тоа што работи, компанијата си наштетува сама на себе. Мешањето во платата на луѓето создава бес кај вработените и ги брка најдобрите.

Некои истражувања укажуваат дека има и општествена придобивка. Намалувањето на разликите може да додаде над 512 милијарди долари на американската економија и да ја преполови сиромаштијата, покажуваат одредени истражувања. Според Клер Васерман, коосновач на „Лејдис гет пејд“, мрежа за жени, белите жени губат по околу половина милион долари во текот на нивната кариера, додека Афроамериканките губат по еден милион долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот