X
 12.08.2025 Технологија

Земја на роботи и брзи возови што уште користи факс: Зошто технолошкиот гигант Јапонија толку доцни со дигитализацијата?

За обичните граѓани, бавното усвојување на дигиталната технологија и сложената бирократија понекогаш се само непријатности, а понекогаш и извор на сериозна фрустрација. „Јапонските банки се портали во пеколот“, напишал еден корисник на Фејсбук во група за емигранти.

Проблемот излезе на виделина за време на пандемијата на ковид-19, кога јапонската влада се бореше со национален одговор користејќи бавни и застарени дигитални решенија. Оттогаш беа покренати низа иницијативи - вклучително и основање на Дигитална агенција, но земјата влезе во глобалната технолошка трка децении подоцна од другите, 36 години откако се роди интернетот и повеќе од половина век откако беше испратена првата е-пошта.

Јапонија не била секогаш технолошки бавна. Во 1970-тите и 1980-тите, компании како „Сони“, „Тојота“, „Панасоник“ и „Нинтендо“ беа предмет на восхит низ целиот свет. „Вокмен“, „Донки Конг“ и „Марио Брос.“ го освоија светот. Но, пресвртницата дојде со доаѓањето на компјутерите и интернетот.

-Додека другите земји се префрлија на економии управувани од софтвер, Јапонија остана фокусирана на хардверот и побавно го прифати развојот на услугите и дигиталните решенија - вели Даисуке Каваи од Универзитетот во Токио.

Недоволните инвестиции во информатичките и комуникациските технологии, заминувањето на инженерите во странски компании, ниската дигитална писменост во државната администрација и отсуството на унифицирана стратегија дополнително ја забавија модернизацијата на јавните услуги. Наместо тоа, бирократијата остана врзана за хартиени документи како основа за идентификација.

Културните фактори, исто така, одиграа улога - одбивноста кон корпоративниот ризик, хиерархиската структура и бавното носење одлуки ја попречија иновацијата. Стареењето на населението дополнително ја зголеми недовербата кон новите технологии и го намали притисокот за промени.

Многу мали бизниси и граѓани не гледаа потреба да се префрлат од факс на компјутер. Ако сите сè уште користат факс, зошто да трошат пари за нова опрема? Големите институции, како што се банките или болниците, беа претпазливи на нарушувањата поради системските промени, додека секоја дигитална реформа бараше прилагодување на илјадници регулативи од политичари кои немаа мотивација да го сторат тоа.


Зависноста од застарена технологија долго време коегзистира со други импресивни аспекти на јапонското општество, од воздухопловната индустрија, до безбедните и чисти јавни простори. Но, пандемијата ја покажа вистинската цена на дигиталниот јаз. Здравствената заштита и администрацијата се преоптоварени со рачни процеси, а дури во мај 2020 година беше воведен онлајн портал за пријавување на случаи на ковид-19.

Од метаверзум до ханко марки

И покрај реформите, имаше и гафови. Министерството побара јавно мислење за метаверзумот барајќи од граѓаните да преземат табела во „Ексел““, да ја пополнат и да ја испратат по е-пошта, што предизвика потсмев на социјалните медиуми. Министерот за дигитална трансформација Таро Коно мораше да вети дека во иднина ќе користат онлајн формулари.

Компаниите почнаа брзо да се дигитализираат, честопати со помош на надворешни консултанти, бидејќи со години ги аутсорсираа своите ИТ-потреби и ги изгубија внатрешните компетенции.

Но, отпорот продолжува. Планот за елиминирање на факс-машините во владините канцеларии предизвика 400 официјални жалби од министерствата. Ханко маркиците, кои имаат длабоко вкоренето културно значење и често им се даваат на децата кога ќе станат возрасни, ќе бидат уште потешки за бришење.

Трка со времето

Брзината на напредокот зависи од подготвеноста на Дигиталната агенција за регулаторни реформи и политичката волја да се даде приоритет на финансирањето за дигитализација. Покрај тоа, Јапонија се стреми кон подвижна цел – технологиите од 2025 година веќе ќе бидат застарени до 2030 година.

Сепак, експертите се умерено оптимистични. Проценуваат дека Јапонија би можела да стигне некои западни земји за пет до десет години. Сè повеќе компании прифаќаат бесконтактни плаќања и воведуваат онлајн услуги.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија