X
 26.05.2025 Живот

Автомеханичар објаснува: „Користењето поскапо гориво не е секогаш најдобриот избор“

Многу возачи бараат начин да ја балансираат потрошувачката на гориво, особено во време кога цените генерално растат, а често се смета дека користењето премиум бензин или дизел брзо ќе го реши проблемот со високата потрошувачка.

Сепак, еден добро познат автомеханичар предупредува дека користењето поскапо или премиум гориво не мора нужно да придонесе за подобра ефикасност. На својот јутјуб-канал Брајан редовно споделува совети за тоа како возачите да ги намалат трошоците за одржување на возилата и да избегнат скапи дефекти.

Премиум гориво и потрошувачка на гориво

Во едно од своите видеа Брајан истакнува дека ефикасноста на премиум горивото во голема мера зависи од специфичниот тип на возило.

- За почеток, да разјасниме што всушност значи премиум бензин. Овој тип има повисок октански број во споредба со обичниот бензин. Октанскиот број покажува колку е отпорно горивото на детонација. Колку е повисок октанскиот број, толку поголем притисок може да издржи горивото пред да се случи самозапалување. Ова не мора да значи дека премиум горивото е секогаш подобро. Повеќето автомобили се дизајнирани да работат без проблеми со обичен бензин. Во повеќето случаи, користењето гориво со повисок октански број од она што го препорачува производителот во упатството нема да донесе видливи предности - објаснил автомеханичарот.

Брајан истакнува дека преминувањето на поскапо гориво нема значително да ја намали потрошувачката во повеќето случаи. Додава дека автомобилите со високи перформанси честопати бараат употреба на премиум гориво, предупредувајќи дека користењето поевтино гориво кај таквите возила може негативно да влијае врз нивната ефикасност.


- Некои автомобили од повисока класа, како што се спортските автомобили или луксузните возила, бараат премиум гориво поради нивните мотори со висока компресија. Овие мотори се дизајнирани да извлечат максимална моќност од секоја капка гориво и затоа бараат повисок октански број. Ако имате такво возило, тогаш користењето премиум гориво навистина може да ја подобри неговата ефикасност - објаснува тој.

Возачите можат да проверат кое гориво е најдобро за нивното возило со тоа што ќе ја погледнат налепницата во внатрешноста на капачето на резервоарот за гориво, или ќе го прочитаат упатството за употреба на нивниот автомобил.

При изборот на гориво, сопствениците треба да обрнат внимание и на содржината на етанол. Многу возила произведени пред 2005 година не можат да го користат денешниот бензин E10. Во такви случаи се препорачува да се користи премиум гориво, кое содржи помалку етанол (околу половина помалку), или да се додадат адитиви за заштита на моторот.

Извор: net.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот