X
 12.10.2021 Живот

Германија: Кој не сака да се вакцинира, мора да си го плати ковид-тестот

Во Германија од понеделникот повеќе нема бесплатни брзи ковид-тестови, а Владата се надева дека со оваа мерка голем број неодлучни луѓе ќе се мотивираат да се вакцинираат, пишува „Дојче веле“.

Досега секој граѓанин можеше да се тестира бесплатно во една од многуте аптеки, ординации или импровизирани центри за тестирање, често поставени на фреквентни места. Резултатот од брзиот антигенски тест е готов за 20 до 30 минути, обично стигнува на е-пошта.

Од понеделникот тестирањето веќе не е бесплатно, освен за деца, бремени жени, луѓе на кои не им е дозволено да се вакцинираат од медицински причини, како и оние што прележале ковид-19, па сега чекаат да добијат негативен резултат.

Неодамна комисијата за вакцинација препорача имунизација на бремени жени и тинејџери на возраст од 12 до 18 години, така што тестовите за нив ќе бидат бесплатни до крајот на годината, за секој да има можност да се вакцинира.

Властите не ја утврдија цената на тестовите, што значи дека тоа ќе биде препуштено на пазарот. Центарот за заштита на потрошувачите проценува дека цените ќе се движат помеѓу 18 и 40 евра за брз антигенски тест. ПЦР-тестовите во ниту еден момент не беа бесплатни, а нивната цена се движи од 50 до 250 евра.

Германија неодамна објави и дека ќе престане да им се плаќа боледување на луѓето што не се вакцинирани, а мора да одат во изолација поради ковид-19.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот