X
 15.06.2019 Технологија

Дајте му ги на „Фејсбук“ вашите податоци и тој ќе ви плати

„Фејсбук“ сака да почне да им плаќа на своите корисници што ќе ѝ дозволат на оваа социјална мрежа да го следи нивното користење на телефоните.

За тоа ќе биде задолжена новата апликација „Стади“ („Study“) што ќе го следи инсталирањето на сите останати апликации на телефонот на корисникот, времето што корисникот го поминува во користење на апликациите, земјата во која се наоѓа корисникот, како и дополнителни податоци за апликациите што би можеле да откријат кои специфични можности се користат.

„Фејсбук“ тврди дека нема да има увид во специфичната содржина како што се пораките, шифрите и интернет страниците што корисниците ги посетуваат.

study
Фото: The Verge

Апликацијата се појави неколку месеци откако претходната апликација за следење на корисниците „Фејсбук Рисрч“, беше исклучена поради контроверзии. Апликацијата беше промовирана меѓу тинејџери, а на ајфон се потпираше на посебен сертификат што овоможуваше апликацијата да има подлабок пристап во телефонот и на тој начин да ги прекрши правилата на „Епл“. Затоа во јануари беше укината.

Лансирањето на апликацијата „Стади“ покажува дека „Фејсбук“ смета дека му се потребни податоци за тоа како луѓето користат мобилни телефони, како и тоа дека компанијата нешто научила од претходните контроверзни ситуации. Апликацијата ќе биде достапна за луѓе постари од 18 години и тоа само за уреди со „Андроид“. Секој корисник ќе може да одобри подлабок пристап, а таа ќе прикажува низа информации што ќе покажуваат кои податоци се собираат и како тие ќе бидат користени.

Возраста на корисникот ќе биде проверена со помош на нивниот профил на „Фејсбук“, а сите учесници ќе мораат да имаат „Пејпал“ сметка за да бидат платени. За добивање на оваа сметка личноста мора да биде постара од 18 години.

Колку „Фејсбук“ ќе им плаќа на корисниците засега не е познато. Апликацијата на почетокот ќе биде достапна во САД и Индија, и тоа само за корисници што ќе добијат покана.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија