На самиот западен крај на Фарските Острови се наоѓа мало, речиси нереално островче кое го носи истото име како и неговото единствено село. Иако Микинес има повеќе од 40 куќи, во него живеат само 15 постојани жители во текот на целата година.
Во зима, кога деновите стануваат пократки, а морето е непредвидливо, хеликоптерот е нивната единствена врска со остатокот од светот. Шест месеци годишно поштата и намирниците пристигнуваат по воздушен пат.
Но, во текот на летото островот целосно ја менува сликата и е преполн со посетители. Но, пристигнувањето на овој остров ретко е предвидливо.
Времето на Фарските Острови го диктира распоредот на пристигнувања и заминувања, па искусните патници советуваат да се остават неколку слободни дена бидејќи постои реална можност некое време да останете „заглавени“ на островот.
Во текот на летото траект секојдневно плови од Сорвогур на островот Вагар. Во април и септември траектот плови само неколку пати неделно, а патувањето трае помалку од еден час.
Хеликоптерот на „Атлантик ервјес“ сообраќа цела година, но првенствено е наменет за локалното население и за транспорт на стока. Микинес е награда за трпеливите патници.
Кога траектите почнуваат редовно да пловат, Микинес се претвора во живо летно засолниште. Бројот на жители нагло се зголемува, се отвораат куќите, а пешачките патеки се полнат со планинари и љубители на природата.
Сепак, островот останува мирен бидејќи на него нема автомобили, па може да се почувствува тишината, а се слушаат само морето, ветерот и птиците.
Со оглед на тоа што островот е важно мочуришно живеалиште и дом на една од најголемите колонии на морски папагали, постои јасно правило - останете на обележаните патеки, не приближувајте се до гнездата и никогаш не користете дронови во близина на колониите.
Светилник на крајот од светот
Најпознатиот мотив на Микинес е светилникот на островчето Микинешхолмур, поврзано со главниот остров со тесен мост.
Изграден во 1909 година, некогаш бил дом на мала заедница светилничари и нивните семејства. Денес е автоматизиран, а мостот и патеката до светилникот се затворени во текот на летото за да се заштитат гнездата на птиците.
Сместување со поглед за паметење
Сместувањето на Микинес е ограничено и треба навреме да се резервира. Посетителите можат да избираат помеѓу пансиони, модерни викендички, апартмани во обновени стари овчарски куќи или кампови.
Остров кој бара почит
Поради сè поголемиот број посетители, воведени се одредени мерки за заштита. Пешачењето надвор од обележаните јавни патеки е дозволено само со наплата и со сертифициран водич.
За време на сезоната на гнездење, некои патеки се затвораат за да се заштитат птиците и нивните младенчиња.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Wikipedia