X
 13.08.2023 Живот

Пет златни правила за препознавање идиот

Ако сакате да бидете успешни на овој свет, треба да развиете свој систем за откривање идиоти, рече гувернерот на Илионис, Џ.Б. Прицкер, на неодамнешното предавање на Северозападниот универзитет.

Прицкер, кој е милијардер, очигледно знае нешто плус за успешните говори, бидејќи неговите зборови станаа вирални. Иако 20-минутниот говор, кој се вртеше околу цитатите на ликовите од телевизиската серија „Канцеларијата“, и не се однесуваше целосно за забележување идиоти, се чини дека тој дел од говорот најмногу привлече внимание кај публиката.

Јасно е и зошто. Живееме во златна доба на манипулатори, идиоти и измамници. Живееме во период во кој некои од најмоќните луѓе во светот фрлаа милиони долари на Елизабет Холмс, без да направат соодветна анализа, бидејќи доаѓаше од правилна средина и звучеше како да знае што зборува. Очигледно, премалку луѓе имаат функционални системи за откривање идиоти.

Па, како да препознаете идиот? Не е секогаш лесно, вели Прицкер.

- Посакувам да постои сигурен начин да се забележат идиотите, но колку и да звучи чудно, некои идиоти се многу паметни. Тие можат да ве заслепат со зборови и да ве одведат во погрешна насока. Можат да бидат унапредени пред вас во вашата работа. Дури и можат да бидат избрани за претседатели на држави - вели тој.

Сепак, постојат главни знаци на кои треба да внимавате. Најдобар начин да забележите идиот е да внимавате на личност која е сурова, смета  Прицкер:

- Кога нечиј пат низ овој свет е обележан со суровост, тој паднал на првиот тест на напредно општество. Овие луѓе никогаш не го принудиле својот животински мозок да еволуира надвор од нивниот прв инстинкт... Во текот на многу години во политиката и бизнисот, открив дека една работа е универзална вистина - најљубезната личност во собата е често и најпаметната.

Ова е навистина добар совет. Навистина е штета што Прицкер не елаборираше повеќе. Но, затоа „Гардијан“ состави пет златни правила за забележување идиоти.

1. Пазете се од сите кои велат дека се горди што не читаат книги

Ако некој се пофали дека е премногу паметен, тоа е знак дека е идиот. Доказ еден: Канје Вест, кој сега се вика Је.

- Јас не сум љубител на книги - изјави раперот во едно интервју во 2009 година додека ја промовираше сопствената книга. Инаку, тешко е да се нарече книга, бидејќи станува збор за збирка од неговите размислувања на 52 страници наречена „Фала и нема на што“.

Некои страници беа намерно оставени празни, а други имаа само еден кањеизам, како: „Го мразам зборот мразам!“ или „Навикнете се да ве искористуваат“. 

-Проблемот со книгите е што тие генерално содржат премногу зборови. Горд сум што не читам книги - изјавил раперот. 

Ова многу го објаснува неговото неодамнешно враќање на антисемитизмот и белиот национализам.

2. Избегнувајте некој што мисли дека секоја книга треба да биде само блог од шест параграфи


За жал, Је не е единствениот со горд презир кон книгите. Во текот на изминатата деценија светот се поклони пред олтарот на Стем. Ги фетиширавме податоците и технологијата и ги девалвиравме хуманистичките науки. Резултатот е генерација на лидери и технолошки застапници кои мислат дека книгите се бескорисни и дека сè може да се разбере низ чисто техничка призма.

Земете го за пример Сем Бенкмен-Фрид. Минатата година, додека обесчестениот основач на „Еф-ти-екс“ сè уште се сметаше за гениј, Сем на новинарот Адам Фишер му рекол дека смета дека книгите се колосално губење време.

- Никогаш не би прочитал книга. Многу сум скептичен кон книгите. Не сакам да кажам дека ниту една книга не вреди да се чита, но всушност верувам во нешто прилично блиску до неа. Мислам дека ако напишете книга, се зафркнавте и требаше да биде блог-пост од шест параграфи - рече Сем Бенкмен-Фрид.

3. Запомнете дека богатството не е директно поврзано со интелигенцијата

Откако Бенкмен-Фрид му кажа на Фишер дека книгите се за губитници, новинарот се соочи со егзистенцијална криза. Зошто некој навидум толку паметен би рекол нешто толку очигледно глупаво?

Но, подоцна Фишер заклучил дека само затоа што Бенкмен-Фрид бил неизмерно богат и успешен, сè што ќе каже мора да има некаква возвишена логика, дури и ако звучи лудо. Излегува дека не е така.

4. Вештачката интелигенција и „ЧетГПТ“ во секоја втора реченица е големо предупредување кога станува збор за идиоти


Истите луѓе кои продолжија да зборуваат за метаверзум, и покрај тоа што не можеа прецизно да го дефинираат метаверзумот, сега зборуваат за вештачката интелигенција. Дали сте слушнале? Вештачката интелигенција целосно ќе го промени светот и ќе создаде нова нормала.

5. Држете се настрана од луѓето кои се опседнати со нивниот коефициент на интелигенција


- Луѓето кои се фалат со својот коефициент на интелигенција се губитници - изјави еднаш Стивен Хокинг за „Њујорк Тајмс“.

Резултатот на коефициентот на интелигенција е погрешно мерење на интелигенцијата, а фалењето со него е сигурен начин да им покажете на луѓето дека сте идиот.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот