Настинка, инфекција, грип, депресија или потиштеност се вообичаени појави во првите постудени денови. Есента, сепак, не мора да биде дел од годината резервиран за болести бидејќи со малку грижа за менталното и физичкото здравје, проблемите може да исчезнат за кратко време. Наглите промени на времето влијаат врз многу луѓе, додека мал број страдаат од сезонска депресија, но добрата вест е дека оваа состојба може добро да се контролира со некои мали промени.
Чувство на тромавост, депресија
Промената на годишните времиња, малку поладното време и подолгите ноќи лесно можат да го нарушат здравјето.
- Кога нема доволно дневна светлина, не е невообичаено да се чувствувате депресивни или тромави - вели д-р Рандел Векслер, специјалист за семејна медицина.
Некои луѓе се чувствуваат само малку депресивни, додека мал дел доживуваат и сезонско афективно растројство или сезонска депресија. Од 10 до 20 проценти од луѓето се малку „изместени од шините“ поради промената на времето, додека помал дел ја манифестираат оваа форма на депресија.
Имунитетот ослабува и поради сезонската депресија
Престојот надвор на студено се совпаѓа со редовен сезонски грип или настинка.
- Се разболуваме побрзо и полесно во есен или зима поради зголемена изложеност на вируси. Покрај тоа, инфекциите се пренесуваат полесно и побрзо кога поминуваме повеќе време во затворен и топол простор каде што престојуваат повеќе луѓе - вели д-р Векслер.
Можно е поради сезонската депресија, дополнително да ослабне имунитетот. Болестите лесно се јавуваат во такви услови.
Која е разликата помеѓу немање енергија и сезонска депресија?
Чувството на депресија, со преминот од топли и сончеви кон ладни и темни денови, е вообичаено, но голем број луѓе не успеваат целосно да ја надминат есенската тага и на тој начин се јавува сезонска депресија.
Некои од симптомите на сезонска депресија се безнадежност, проблеми со концентрацијата, губење интерес за активности во кои обично уживаме, промени во апетитот и проблеми со спиењето, објаснуваат експертите. Доколку страдате од оваа состојба, консултирајте се со психотерапевт или психијатар. Понекогаш состојбата може да се реши без употреба на лекови, со разни психолошки терапии.

Како да се спречи сезонската депресија?
Доколку сте само малку подепресивни од вообичаеното, обидете се да останете надвор на сончев ден за да добиете малку светлина.
Кога има помалку сончева светлина, мозокот произведува помалку серотонин - хормонот на среќата, а може да се појави и блага депресија. Од друга страна, недостигот на сончева светлина го зголемува ефектот на мелатонинот - хормонот што нè прави поспани. Експертите предлагаат прошетки претпладне до 14 часот, кога сонцето е на својот врв. Ако ја немате оваа можност или е премногу студено, поместете ги завесите од прозорецот и дозволете светлината да влезе во просторот каде што престојувате.
Физичката активност е секогаш корисна - околу 30 минути одење или вежбање е добро за телото, но и за мозокот, бидејќи може да го подигне нивото на хормонот на среќата, серотонин. Добрата храна е секогаш лек, па затоа се препорачува да се зголеми внесот на фолна киселина, омега-3 масни киселини, витамин Д - за добро расположение. Во исто време, треба да се ограничи и намали употребата на шеќер.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik