X
 13.08.2025 Живот

Единствениот парк во светот каде што ако пронајдете дијамант, можете да си го земете

На околу два часа југозападно од Литл Рок, Арканзас, се наоѓа најуникатниот државен парк во САД наречен „Кратер од дијаманти“.

Со површина од 911 хектари, овој парк привлекува посетители од целиот Арканзас и пошироко. Зошто? Поради она што се крие под земјата.

Паркот е лоциран на местото на поранешен вулкански кратер, каде што во 1906 година локалниот фармер Џон Хадлстон пронашол дијаманти. Оттогаш, во почвата богата со минерали се пронајдени над 35.000 дијаманти, вклучувајќи го и најголемиот дијамант некогаш откриен во САД, наречен „Вујко Сем“,  од 40 карати.

Во 1972 година местото станало државен парк, а денес посетителите можат да се обидат да најдат дијаманти на површина од 37 хектари. Секој пронајден скапоцен камен, минерал или карпа, без разлика дали е дијамант или не, може да си го задржи тој што ќе го пронајде.

Во паркот најчести се три типа дијаманти: бели, жолти и кафеави. Во Центарот за откривање дијаманти може да се посети „Куќата на славните ловци на дијаманти“, каде што се изложени највпечатливите камења пронајдени во паркот. Во мај 2025 година еден посетител од Минесота пронашол кафеав дијамант од 3,81 карати, што е најголемиот пронајден во текот на годината.

Покрај дијамантите, во паркот може да се најдат и други скапоцени и полускапоцени минерали, како што се кварц, ахат, гранат и жад.

 
Ако сакате да најдете свое „богатство“, најдобро е да дојдете по дожд, вели управникот на паркот, Вејмон Кокс.

- Голем дел од најголемите дијаманти во паркот се пронајдени на самата површина. Кога врне во областа за пребарување дождот ја „мие“ земјата и ги разоткрива потешките камења, минерали и дијаманти кои се блиску до површината - објаснува тој.

Влезницата за копање дијаманти изнесува 15 долари за возрасни и 7 долари за деца. Почетниците можат да понесат сопствена алатка или да изнајмат опрема во паркот. Достапни се лопати, сита, колички, специјализирани чинии за сеење и кофи. Исто така, локалните продавници во градот нудат опрема за „лов на скапоцености“. Ако пронајдете нешто, чуварската служба на паркот може да ја потврди неговата автентичност. Сепак, Кокс советува да не се опседнувате премногу со дијамантите бидејќи паркот нуди многу повеќе.

 
- Иако повеќето посетители не наоѓаат дијамант при првата посета, има многу други уникатни и убави камења и минерали што може да се соберат - истакнува тој.

Паркот има и сезонски воден парк, километри пешачки патеки и идеални услови за набљудување на ѕвездите, бидејќи се наоѓа далеку од градските светла. Има и можност за кампување за оние што планираат повеќедневна потрага. Кампот располага со 47 места со целосни приклучоци за камп-приколки и шатори, плус уште пет основни места за шатори со пристап до две бањи.

Извор: Travelandleisureasia
Фото: Arkansas Tourism
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот