X
 14.02.2026 Живот

Научниците велат дека луѓето имаат и до 30 сетила - еве што значи тоа

Речиси целото наше искуство е мултисензорно. Не гледаме, не слушаме, не мирисаме и не допираме одделно, туку сетилата функционираат истовремено и заедно го обликуваат нашето доживување на светот.

- Аристотел зборувал за пет сетила, но исто така верувал и дека светот е составен од пет елементи - нешто во кое денес веќе не веруваме. Современите истражувања покажуваат дека можеби имаме десетици сетила - пишува Бери Смит, директор на Институтот за филозофија при Школата за напредни студии на Универзитетот во Лондон.

Според невронаучниците, луѓето можеби имаат меѓу 22 и 33 сетила. Меѓу нив е проприоцепцијата, која ни кажува каде се нашите екстремитети без да ги гледаме, како и вестибуларниот систем, одговорен за рамнотежата. Тука е и интероцепцијата, преку која ги чувствуваме внатрешните состојби на телото: глад, забрзан пулс или напнатост.

Постојат и посуптилни сетила, како чувството на агенција (дека ние самите ги контролираме движењата) и чувството на сопственост над нашето тело - нешта што кај некои пациенти по мозочен удар можат да бидат нарушени.

Многу од традиционалните сетила, всушност, се комбинации. Допирот, на пример, вклучува болка, температура и тактилни сензации. Вкусот е спој од мирис, допир и вкусување. Немаме рецептори за вкус на јагода или малина, туку тие вкусови ги доживуваме преку заедничката работа на јазикот и носот.

И видот не функционира сам. Тој е под влијание на вестибуларниот систем, што објаснува зошто, на пример, во авион при полетување имаме чувство дека кабината е накосена, иако визуелно ништо не се променило.

Истражувањата покажуваат дека бучавата во авионите го намалува чувството за слатко и кисело, но не и за умами (солен вкус и еден од петте основни вкуса) - овој вкус во авион има поголем интензитет.

Научниците заклучуваат дека сетилата се далеку посложени отколку што мислиме и постојано работат заедно. Доволно е само за момент да застанеме и да обрнеме внимание за да сфатиме колку навистина „чувствуваме“ додека гледаме, слушаме или јадеме.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот