X
 14.05.2019 Наука

Тракторист од Нов Зеланд откри отпечатоци од изумрена птица стари 12 милиони години

Кога првите жители на Нов Зеланд пристигнале во земјата во околу 1300 година, пронашле серија острови со многу морска храна и некои од најневообичаените птици што не можеле да летаат.

Во текот на милиони години во Нов Зеланд се развил уникатен екосистем. Таму речиси и да нема домородни цицачи, но земјата е дом на динамична колекција на птици - според најскорешните броења 378 вида. Многу од тие видови не можат да се најдат на друго место во светот. Без ризикот од цицачи-предатори, голем број слободно го минувале животот пешачејќи низ шумите.

Птиците моа не требало да бидат под ризик. Овие огромни птици биле двапати повисоки од возрасен човек и тежеле речиси трипати повеќе. Имале неколку природни предатори, покрај сега исчезнатите Хаастови орли, а големината им била оружје речиси против сè. Но птиците моа биле бавни, тешки и веројатно прилично вкусни. Со малку алтернативни извори на храна, новопристигнатите жители на Нов Зеланд, Маорите, брзо се привикнале на нивно убивање и јадење. За еден век птиците исчезнале.

Сепак, годинава еден возач на трактор во Нов Зеланд имаше невообичаен судир со некои од овие гигантски птици. Додека го носел кучето на пливање во река во зафрлена област од Јужниот Остров во Нов Зеланд, Мајкл Џонстон забележал невообичаени траги во глината и се јавил во локалниот музеј во Отаго.

Неколку дена подоцна експертите од музејот употребиле цевки за нуркање и подводни камери и пронашле седум отпечатоци од стапала на птици моа зачувани во тврдата глина на реката, на околу еден метар под водата. Тоа се првите траги од птицата што некогаш биле пронајдени на островот и се верува дека се стари околу 12 милиони години.

Неодамнешното влажно време во областа го еродирало брегот, изложувајќи го глинениот блок со седумте отпечатоци од стапала. Секој отпечаток е долг околу 30 сантиметри. Музејските експерти сега ги вадат отпечатоците од глината, со надеж дека ќе ги направат достапни за истражувачите за изучување.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука