Народот Туркана од Северозападна Кенија се приспособил на животот во едно од најсувите подрачја на Земјата, потпирајќи се речиси исклучиво на млекото, месото и крвта од своите камили и кози. Иако зеленчукот не е чест гостин на нивната трпеза, исхраната сиромашна со влакна не го нарушува нивното здравје. Кога Европејците би ги презеле нивните рецепти, многу брзо би добиле болести на бубрезите.
Како е тоа можно, долго се прашуваа научниците, а на крајот пронајдоа и одговори. Новото истражување открива единствени гени кои на оваа номадска популација ѝ овозможуваат да остане здрава и покрај многу ограничениот пристап до растенија што се јадат. Дури 80 проценти од исхраната на народот Туркана ја сочинуваат животински производи, и така со генерации – па нивните гени со текот на времето се приспособиле.
Со одобрение од заедницата и старешините, генетичарката Аманда Ли од Универзитетот „Вандербилт“ и нејзините колеги собраа лабораториски примероци од припадниците на заедницата Туркана. Утврдено е дека големото мнозинство од сточарите Туркана се хронично дехидрирани, но имаат здрави витални функции.
Споредувајќи ги нивните гени со гените на другите домородни заедници во регионот, научниците идентификуваа важни разлики, вклучувајќи ги и оние во генот СТЦ1, кој ги поттикнува бубрезите да задржуваат повеќе вода. Научниците претпоставуваат дека тоа помага да се заштитат бубрезите од нуспроизводите како што е пуринот, кои настануваат кога јадеме премногу месо. Премногу пурин често предизвикува гихт, но таа болест речиси и да не постои кај народот Туркана.
Овој кениски народ развил и генетски предиспозиции кои му помагаат на телото да штеди вода во екстремна пустинска жештина.
Жените од заедницата Туркана често пешачат меѓу 5 и 10 километри дневно носејќи канти со вода на главите по неподносливо сонце. Често копаат дупки длабоки неколку метри за да пронајдат вода за себе и за своите стада. Нивната исхрана изобилува со протеини, но содржи релативно малку калории. И покрај тоа, нивните тела успеваат да издржат тежок физички напор на големи жештини. Способноста за задржување на водата е токму она што им е потребно на луѓето кои секој ден одат 10 километри на температури од 40 °C.
Од пустината во град
Со текот на времето, животот на народот Туркана се менувал. Од 80-тите години, поради сушите и гладот, многумина го напуштиле номадскиот начин на живот и се преселиле во градовите. Нивната исхрана се променила – наместо месо и млеко, почнале да јадат житарици и преработена храна со брашно и шеќер.
Научниците ги анализираа разликите меѓу урбаната и руралната популација. Резултатите покажаа дека жителите на градовите имаат полоши функции на бубрезите во споредба со оние што живеат во руралните подрачја. Исто така, нивната крв покажувала зголемена активност на гените поврзани со стрес и воспаление, што често се доведува во врска со болестите на срцето и крвните садови. Истражувачите веруваат дека во услови во кои луѓето повеќе не се дехидрирани и каде што доминира исхрана богата со јаглехидрати, истата генетска варијанта која некогаш помагала – сега може да ги оптоварува бубрезите и метаболизмот.
Големо срце
Поголемиот дел од народот Туркана не ја обработува земјата – целосно зависат од производите од својата стока: млекото, месото, крвта и кожата. Со парите добиени од продажбата на стоката купуваат основни производи како пченкарно брашно, шеќер, тутун, чај, гумени сандали и ткаенини.
Една од клучните техники за опстанок е чувањето различни видови стока бидејќи секој вид користи поинаква вегетација.
Во тешки времиња се потпираат на пријателите и роднините, а во неволја се солидарни едни кон други. Во нивната култура храната мора да се дели со роднините ако тоа не го загрозува семејството на тој што дава. Така, побогатите семејства ги издржуваат сиромашните членови на заедницата, што го зголемува вкупниот број на луѓе што можат да живеат од ограничените ресурси во непредвидливата пустина.
Фото: принтскрин/јутјуб