X
 14.12.2017 Наука

Тврдоглавите живеат подолго!

Позитивноста, тврдоглавоста и работната етика може да бидат клучни за подолг животен век, открива едно истражување.

Истражувачите ги испитувале нивоата на менталното и физичкото здравје на група Италијанци на возраст од 90 до 101 година и покажале дека имаат многу заеднички психолошки карактеристики.

Од истражувањето се заклучило дека постарите учесници имале подобра севкупна ментална благосостојба од нивните помлади членови на семејството.

Научниците од Универзитетот „Сан Диего“ во Калифорнија и Универзитетот „Ла Сапиенза“ во Рим анкетирале 20 учесници што живееле во оддалечени села во Јужна Италија. Тие го оцениле нивното ментално и физичко здравје преку серија тестови и интервјуа. За споредба, тие исто така ги спровеле истите мерки за помладите роднини на учесниците, од кои било побарано да ги опишат личните особини и животниот стил на постарите членови на семејството.

Освен што имале позитивен став кон животот, истражувачите откриле дека голем дел од постарите учесници биле доста тврдоглави. Така, научниците заклучиле дека оваа карактеристика би можела да биде психолошки корисна за луѓето што помалку се грижат за тоа што мислат другите за нив.

Друга заедничка особина на постарите учесници била страста за руралниот живот.

„Постојат многу истражувања за стари лица, меѓутоа, повеќето се фокусирани на генетиката, а не на нивното ментално здравје или личните карактеристики“, вели Дилип В. Јесте, водечки автор на истражувањето и професор по психијатрија и невронаука на Универзитетот „Сан Диего“.

„Главните теми што произлегоа од нашето истражување и се чини дека се уникатни особини поврзани со подоброто ментално здравје на оваа популација беа позитивноста, работната етика, тврдоглавоста и силната врска со семејството, религијата и земјата“, вели тој.

Јесте и неговиот тим имаат намера да ги следат нивните наоди со понатамошни лонгитудинални истражувања со кои ќе испитаат како биолошкото здравје на учесниците се споредува со нивното физичко и психолошко здравје.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука