X
 30.03.2015 Интервјуа

Интервју со Данијела Ѓорѓевиќ, професор и член на движењето Наставнички пленум: Им треба ревизија на законите за образование

Данијела Ѓорѓевиќ е професор во СУГС „Георги Димитров“ и член на движењето Наставнички пленум. Таа, како и останатите членови на ова движење, не е задоволна од состојбите во образованието. Ѓорѓевиќ не негира дека меѓу членовите на движењето Наставнички пленум има симпатизери или членови на опозициската СДСМ, но сепак нагласува дека сите се обединети и ги повикува да им се придружат сите наставници кои, како што вели, посакуваат подобар образовен систем.

 

Ф: Што е тоа што според вас во моментов е најголем проблем во македонскиот образовен систем?

Д
: Најгорливите проблеми во моментов се екстерното тестирање, матурата и новиот Закон за основно и средно образование во кој е предвидена и таканаречена Академија за наставници. Но јас би додала недостаток и слаб квалитет на учебници, несоодветни и преобемни наставни програми, сè почести инспекции и контроли со кои од наставникот се бара строго да следи (недоволно дефинирани) барања и упатства со што се одзема слобода за одлучување во креирањето на наставниот процес. Се губи од вид дека учениците пред сè се личности, дека целта е тие да усвојат знаења според нивните интересирања и можности со што ќе станат полезни членови на општеството, а не само да се борат за оценка. Да не заборавиме и тоа што сега средното образование е задолжително. Ние сметаме дека тоа не е добра одлука. Ми се чини дека со години наназад се воведуваат премногу реформи, секогаш со оправдание дека такви реформи постојат во некои држави и таму се успешни. Се заборава дека не сè што некаде е успешно ќе биде успешно и во наши услови. Уште полошо, реформите некако една со друга не се усогласени. Така, на пример, се воведува математика како задолжителен предмет на матура, а во исто време според наставните програми таа не е подеднакво застапена во сите подрачја на образованието. Доколку догодина, како што се најавува, математиката биде задолжителен предмет за сите средношколци, ќе се соочиме со парадокс таа да е изборен предмет во текот на школувањето, а да биде задолжителен предмет на матура. За проблемите со екстерното тестирање и досега е доволно кажано. Ќе наведам само дека оценката од екстерното тестирање влијае на успехот на ученикот, па така се случува ученикот на екстерното да ја потврди оценката добиена од наставникот и со тоа да му се намали просекот. Нешто што е недозволиво е внесување во свидетелство на недоволна оценка добиена на екстерното оценување. Спред Законот за образование такво свидетелство е невалидно – не се издава свидетелство на ученик кој има непреодна оценка. Веќе имаме примери нашите ученици да имаат проблем во странство со такви свидетелства. Уште еден парадокс – на учениците ќе им се доделуваат таблети, а нема или недоволно има образовен софтвер. Се бара примена на ИКТ во настава, а многу училишта немаат интернет, компјутерите се застарени и повеќето не се во функција. Во исто време по многу предмети не постојат учебници, особено во средните стручни училишта. Мислам дека тоа е нешто што има приоритет пред набавка на таблети, но во МОН очигледно размислуваат поинаку. Ќе спомнам дека пред речиси две години е завршен конкурс за учебник по информатика за втора година и досега уште не е формирана ниту национална комисија за одлучување по истиот. Деновиве незадоволството на наставниците достигнува кулминација. Достоинството на наставникот одамна е нарушено, но сега и учениците сè повеќе трпат последици од ваквите реформи и закони па тоа беше дополнителен мотив наставниците да се одважат да ги искажат ставовите во врска со проблемите кои се повеќе се зголемуваат.

Ф: Зошто не сте задоволни од она што го постигнаа како договор СОНК и МОН?

Д: Oдговор на ова прашање ќе го дадам првенствено како наставник и член на СОНК. Иако НП произлезе како реакција на недоволните заложби на СОНК повеќе од две децении, улогата на НП не е иста со улогата на СОНК и барањата на пленумот во однос на подобрување на квалитетот на образовниот процес се разликуваат од оние на СОНК. Незадоволство од работата на СОНК, особено од раководство, не е нешто што сега се случува. Многу наставници веќе одамна не се членови на СОНК и сè повеќе наставници се одлучуваат да истапат од членството. Некако се чувствува дека работите се излезени од контрола и СОНК како да застанува на страната на МОН наместо на страната на наставниците. Јас имам обичај да се пошегувам дека МОН и СОНК пак се договориле да се договараат, но тоа за жал се покажа како вистина. И претходните договори досега не се до крај испочитувани. Наставниците не се незадоволни само од спогодбата. Постои незадоволство и со начинот на кој беше организиран и почнат штрајкот, отсуството на комуникација на раководството на СОНК со членството, прекинот на штрајкот кој речиси сите наставници го доживеаја како предавство, потпишувањето на спогодбата која е погубна за образовниот систем без претходна консултација иако за неа самиот Неделков рече ќе бара прво членството да се изјасни. Да се навратиме на спогодбата помеѓу МОН и СОНК. Во неа нема ништо конкретно, освен укинување на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното тестирање. Главно, пак се договориле да се договараат. Оценување на наставниците по основа на екстерното тестирање. Укинати се парични казни, но и понатаму екстерното оценување ќе влијае на оценката на наставникот заедно со оценката од интегралната евалуација (во која, патем, критериумите не се најдобро определени – на пример, класно раководство и издаден учебник носат ист број на поени). Наставниците и понатаму на некој начин се казнети – и понатаму наставниците ќе бидат рангирани според отстапувањата на екстерното оценување, и понатаму ќе се организираат (несоодветни) обуки за наставниците кои имаат најголеми отстапувања, и она што е новина, наставниците со големи отстапувања на екстерното оценување нема да имаат можност за понатамошно напредување во кариерата. Со ова се деградираат наставниците и се создава неединство. Ние многупати досега истакнавме кои се недостатоци на екстерното тестирање и не прифаќаме никакви казни или награди во врска со истото. Педагошка евиденција. И по ова прашање веќе неколку пати сме реагирале. Наставникот е пренатрупан со извештаи, евиденции, докази за секоја активност. Единствено конкретно по ова прашање е дека класичниот дневник ќе се укине после две години и целосно ќе се замени со е-дневникот таму каде што има услови за тоа. Ова значи дека најмалку уште две години ќе постои паралелна евиденција. Кога сме кај е-дневникот, јас како информатичар морам да нагласам дека е- дневник е нешто што го очекував и посакував и нешто против што не смеам да бидам. Е-дневникот засега, не може да поднесе толку голем број на корисници, па оценките не се внесуваат на време. Така класните раководители сите извештаи ги пресметуваат и изготвуваат рачно исто и педагошката евиденција се пишува рачно. Зошто тогаш постои е-дневник како електронска база на податоци? Казни по сите основи. Казните се намалени, но според нашите плати казните и понатаму се превисоки. Исто така не е прецизирано за какви казни станува збор. Од спогодбата не е спомнато дали и понатаму наставниците кои двапати по ред имаат големи отстапувања ќе се соочат со добивање на отказ од работа. Исто така, никаде не е спомнат законот за заменски наставници со кој се дискриминира демократското право на наставникот за искажување на незадоволство преку штрајк. Овде стои забелешка дека СОНК од принципиелни причини не учествува во договорање на оваа точка. Што да се каже на ова? Зголемување на платите. Ќе продолжат преговори - пак ништо не е договорено.

Ф: Какви се вашите очекувања сега откако јавно кажавте што барате?

Д: Не очекуваме работите да се сменат преку ноќ, но нема да отстапиме од нашите барања. Нашите напори се стремат кон следните цели: конечно во МОН да сфатат дека ние практичарите најдобро знаеме што му треба на образованието, што е добро, а што треба да се промени. Да се повлечат сите законски одредби кои не се во ничиј интерес, а најмалку во интерес на иднината на РМ на која ѝ треба здрав и моќен образовен систем кој ќе нуди квалитет, а не квантитет. Активно учество на членови од НП во ревидирање на Законот за основно и средно образование за поквалитетен образовен систем. Ревидирање на наставните планови и програми и нивно приспособување кон потребите на општеството и пазарот на труд. Наставничкиот пленум пред сè има за цел поквалитетно образование и сакаме да веруваме дека истата цел ја има и МОН.

Ф: Кои се следните чекори кои ќе ги преземе движењето Наставнички пленум?

Д: Членовите на Наставничкиот пленум ќе се договараат и заеднички ќе одлучат за понатамошните чекори. Тие секако ќе зависат од одговорот на МОН на нашите барања така што не можам однапред да кажам кои се наши следни чекори. Не се исклучени понатамошни протести, дури ни заеднички протести со Средношколскиот пленум кој сосема го поддржуваме и застануваме зад нивните барања.

Ф: Има коментари во јавноста дека мнозинството од вас се членови или симпатизери на опозициската СДСМ. Ваш коментар?

Д: Наставничкиот пленум има повеќе од 1.500 членови и сите членови се зачленети по нивната слободна волја. При зачленувањето никој не е прашан дали е член на некоја партија, дури и ние неколкумина од кои потекна иницијативата за формирање на НП не знаеме едни за други каква политичка ориентација имаме. НП уште на самиот почеток се огради од политички и партиски активности, но наставниците имаат демократско право да бидат политички активни и да членуваат во партија по нивен избор. Во Наставничкиот пленум не постои поделба по ниту еден основ, добредојдени се сите наставници кои посакуваат подобар образовен систем без разлика на нивната партиска, етничка, верска и секаква друга определба или припадност. Напротив, ние сега сме обединети повеќе од кога било. На протестите јас како Србинка стоев позади транспарентот помеѓу Македонка и Албанец. Сите ние имаме иста цел. Што се однесува до коментарите, во јавност има коментари и мислења дека ние работиме три часа дневно и дека имаме три месеци одмор што секако не е вистина, па така не нè изненадуваат и коментари од овој вид. Ние ги прочитавме таквите коментари, дури веднаш по протестите добивме политичка етикета и од СОНК што навистина нè изненади, но немаме намера да губиме енергија на докажување на спротивното. Едноставно, ние не знаеме кои наши членови се во која партија и дали воопшто се во некоја партија - тоа е нивно демократско право. Благодарни сме на сите што сакаат активно да се вклучат во пленумот и на сите што нè поддржуваат, биле тие членови на опозициските или на владеачките партии. Коментарите секако нема да нè обесхрабрат, напротив, мислиме дека ја покажавме цврстината и моќта на НП па оттаму и такви обиди за политички етикетирања. НП нема да дозволи политички манипулации ниту ќе биде орудие за сотварување на нечии партиски цели. На крај, сакаме да ги повикаме нашите колеги да ни се придружат во што поголем број затоа што знаеме дека речиси сите се наши истомисленици. Свесни сме дека постои страв токму од политичките етикетирања и сведоци сме дека има притисоци затоа што после протестот некои членови ни се јавувија со желба нивното име да не фигурира јавно. Ние сепак ги охрабруваме сите да се издигнат над таквите проблеми. Ова се нашите цели и никој друг не може да се избори за нив освен ние самите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа