X
 19.02.2022 Издвојуваме

Симеон Мони Дамевски: „Манаки“ е фестивал кој се состои од многу честички во движење, затоа уживам

Фестивал без забава и журки не е фестивал. Сакам да го донесам човекот кој ја компонирал музиката за филмот „Страдањето на Христос“ на Мел Гибсон и со Македонската филхармонија да одржи концерт. Планот е и Џоселин Пук да одржи концерт со нејзиниот бенд и да дојде диџејот Дерик Меј. Идејата е да пулсира Битола, да не спие, да доаѓаат млади од цел свет, да има добри филмови, забава и доживувања. Фестивал мора да биде доживување, вели Дамевски

Фестивалот „Браќа Манаки“ е комплексна манифестација која се состои од многу честички во движење, па затоа уживам. Јас сум многу несреќен кога немам што да работам. „Манаки“ ми е можност да го пополнам своето време со нешто што е возбудливо, многу комплексно и ми овозможува долгорочно да бидам зафатен и преокупиран, вели во интервју за Факултети.мк актерот и продуцент Симеон Мони Дамевски, кој втора година по ред е директор на овој значаен фестивал. За тоа што ќе понуди „Манаки“ годинава, како и за тоа што ѝ одзеде пандемијата на филмската индустрија, но и кој е Мони приватно, ни открива тој во овој разговор.

Втора година по ред сте директор на „Браќа Манаки“, интернационалниот фестивал на филмска камера. Што значи за Вас можноста да се биде прв човек на еден ваков фестивал? Како Вие лично го доживувате „Манаки“?

- Да се биде директор на ваков фестивал, значи две работи: едната е врзана за тоа што мене ми причинува приватно задоволство во животот и е својствено на мојот карактер, другата е врзана за тоа што јас уживам да оставам или сакам да оставам ефект во околината околу мене. Ние сите сакаме да оставиме некаква трага во своето постоење, впрочем, животот е возбудлив во комуникација и во содејство со други луѓе. Јас сум човек кој е многу брз и многу сакам кога има многу честички во движење околу мене. Не знам дали е тоа доволно јасно, но да речеме дека мене ми е многу здодевно кога немам работа во текот на денот. Кога имам десет работи, многу ми е интересен животот. Уживам во справување со многу работи. „Манаки“ е комплексна манифестација која се состои од многу честички во движење, па затоа уживам. Јас сум многу несреќен кога немам што да работам. „Манаки“ ми е можност да го пополнам своето време со нешто што е возбудливо, многу комплексно и ми овозможува долгорочно да бидам зафатен и преокупиран. Второ, „Манаки“ ми овозможува да бидам од корист. Кога се впуштив во оваа авантура, сфатив колку можам да направам да биде убаво во Битола. Јас сум во филмската фела долги години и секогаш ми недостигало место на кое ќе можам да се сретнам со колеги од други земји и да развивам соработка. Ние немавме таков фестивал, па „Манаки“ за мене е можност да отворам работа и соработка за многу наши колеги. И трето, на странци што не знаат за Македонија, да дојдат и да им биде убаво во Македонија и да ја запомнат и да зборуваат за нашата земја и за фестивалот. Ете тоа за мене значи „Манаки“.



Што ќе понуди фестивалот оваа година? Има ли нешто што го немаше лани, а ќе се потрудите да го има сега во Битола. Кои гости можеме да ги очекуваме?

- Јас сум сонувач, сакам околу мене сѐ да е убаво и тоа ми го овозможува „Манаки“. Но, минатата година не можевме да го реализираме поради пандемијата. Беа ограничени патувањата, доаѓањето на луѓето, програмата моравме да ја ограничиме на неколку дена. Годинава се надеваме дека голем дел од овие пречки ќе исчезнат. Идејата е да се подготвуваме за една верзија на фестивалот во летните месеци на отворено, за да не се стеснуваме и ограничуваме, би сакал тоа да биде во август, да го сместиме меѓу големите светски фестивали, за ѕвездите што доаѓаат на големите фестивали, а се наша таргет-категорија, да можат да бидат во Европа и да можеме да ги донесеме овде. Битола е потопла во август за разлика од септември. А ако има епидемија, бројките сигурно би биле поголеми во втората половина на септември отколку во август. Можеме на отворено да ги правиме проекциите и да имаме повеќе публика. Сакаме да имаме журки бидејќи фестивал без забава не е фестивал. Сакам да го донесам човекот кој ја компонирал музиката за филмот „Страдањето на Христос“ на Мел Гибсон и заедно со Македонската филхармонија во амфитеатарот да одржи концерт. Планот е и Џоселин Пук да одржи концерт со нејзиниот бенд. Планиран е и диџејот Дерик Меј. Сакам да има такви концерти, од тој калибар. А тоа можеме да го направиме само во лето. Идејата е да пулсира Битола, да не спие, да доаѓаат млади од цел свет, да има добри филмови, забава и доживувања. Фестивал мора да биде доживување.

Годинава сакате да ја проширите програмата. Што конкретно Ви е во план?

- Да, сакам годинава да ја вратиме документарната програма, која досега ја имавме само во ревијална форма и само на телевизија, бидејќи немавме каде да ја прикажуваме. Ако имаме каде да ја прикажуваме, сакам да ја вратиме во некаква форма која ќе заслужува внимание и ќе го донесе најдоброто од документарниот свет. Второ, сакам да ја вратам или да воспоставам како традиција нешто ново (се правело порано, но само регионално), а тоа е – студентите од најдобрите светски филмски академии да бидат дел од „Манаки“ преку Програма за кинематографери кои студираат на академиите. Идејата е првите нивни филмови што ги прават и кои не се професионални, да имаат натпреварувачка програма на „Манаки“. За да можеме големите мајстори како што се оние на кои им ја доделуваме наградата за животно дело, да ги фаќаме од првите чекори во уметноста и да ги следиме во сите нивните етапи и фази и да им помагаме во кариерата. Ќе почнеме од Европа, со студенти од европските академии, ќе има натпреварувачка програма на студентски филмови за кинематографери. Академиите ќе ги пратат кај нас нивните дипломски филмови, ние ќе избереме да речеме 16 најдобри и во текот на 7 или 8 дена ќе се прикажуваат пред жирито, кое ќе ги проценува и најголемите достигнувања од Кан, Венеција, Берлин. И тие ќе кажат: „Овој, овој и овој се мајстори.“ И ним ќе им дадеме награда. Поентата е да ги следиме во нивните први професионални подвизи. Тоа сакам да биде нешто што ќе го негуваме. За да паметат од каде тргнале кога ќе станат оскаровци. Целта е „Манаки“ да биде нивниот дом.

Дали сметате дека вниманието што ѝ го посветува државата на филмската индустрија е доволно? Што е тоа што недостига за да може таа да се развива?

- Никогаш не е доволно. Во културата никогаш не е доволно вложувањето. Намалени беа буџетите и јас знам дека работиме во отежнати услови со инфлации, епидемии, каде што примарно е да има опстанок. Но, културата и уметноста се тие што овозможуваат полесно поднесување на реалноста, тие се најголеми репрезенти и промотери. Со нив оставаш трага во светот. Тоа се тие дејности, спорт и култура. Ние во спортот имаме толку успеси колку што имаме, не се брилијантни, со исклучок на фудбалот и уште неколку индивидуални спортови. За успех во што било, потребни се време и голема инвестиција. Нашите филмови во последните 4-5 години нижат успеси на меѓународен план, воспоставуваат некакво сериозно име во македонската кинематографија. Од Берлински фестивал, Кански фестивал, „Санденс“, „Слемденс“... до Карлови Вари. Значи, нѐ има на сериозни фестивали, а во минатото тоа било многу ретко. Но сето ова не се случува преку ноќ. Залетот за да се прават добри филмови, пистата за да се полета во големи височини е долга. Мора некој да подготви, да инвестира 10-15 филма, па со нив да се создаде искуство, па тројца да се издвојат како талентирани итн. Овие успеси се резултат на едно време кога се даваа многу повеќе пари за филм, се инвестираа прилично големи средства. Талент кај нас не фали, има други работи што недостигаат. Мора да се продолжи да се инвестира за да се развиваат нови кадри, мора да се генерираат нови таленти.



Пандемијата зададе удар врз филмската индустрија, како што беше сурова и кон други ресори во општеството. Може ли да се каже дека сега полека филмот се враќа на шините, во вистинскиот колосек?

- Од лани, да. Ќе видиме какви ќе бидат производите ова лето, колку ќе бидат успешни на меѓународен план. Две години не се работеше ништо, ланилето почнавме, континуирано се снима оттогаш. Ќе видиме каков е квалитетот и дали епидемијата направи некаков удар и дупка. Се надевам дека нема да го изгубиме континуитетот.

Кој сте Вие кога не сте актер, продуцент, директор...? Кога завршувате со обврските и она што Ви е професионална преокупација?

- Мојот живот е многу едноставен. Работам, кога не работам – учам, а кога не учам, минимално се забавувам и се релаксирам пред телевизорот со моите најблиски. Многу време посветував на тоа да се едуцирам, да учам за животот, за различни области што ме интересирале. Се занимавам со скиентологија и посветувам малку повеќе време на тоа бидејќи ја запоставив еден период. Тоа ми е многу важно и многу ми помага во животот, инаку не би можел да се справам со сите овие работи. Тоа ме прави поспособен и поактивен. Имам хобија, алтернативното здравје, суплементи, ми се хоби, тоа се области кои многу ме интересираат и кои ги истражувам. И тоа е тоа. Живеам сам, со мојата мајка, која е мојот најдобар пријател. Во моментов не ми останува време за ништо, немам многу приватен живот, иако би сакал. Би сакал да најдам партнерка, сакам повторно да формирам семејство, деца немам, а би сакал да имам. Имам соништа, но сега сум посветен на она што сметам дека е најбитно во мојот живот, а тоа е работата која навистина може да помогне да се создадат поубави работи во нашата земја. Ја сонувам и ја планирам иднината и соништата што сакам да ги постигнам.

Фото: приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме