X
 15.03.2021 Наука

Научниците повторно составија уред стар 2.000 години

Научниците повторно составија уред стар две илјади години, кој често се нарекува најстариот „компјутер“ на светот, обидувајќи се да сфатат како функционира.

Механизмот од Антикитера ги збунува експертите уште откако бил пронајден во остатоци од брод во Грција, во 1901 година. Се смета дека тоа е старогрчка направа со рачен погон користена за предвидување на затемнувањето на небеските тела и други астрономски случувања.

Но, само една третина од направата останала здрава, а истражувачите размислуваа како функционирала и како изгледала.

Задниот дел од механизмот е решен со претходни студии, но природата на неговиот сложен систем на запченици на предната страна остана мистерија.

Научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон веруваат дека конечно ја решиле загатката користејќи 3Д-компјутерско моделирање. Тие повторно направиле цела предна плоча и сега се надеваат дека ќе изградат цела реплика на механизмот користејќи современи материјали.

Трудот објавен во „Сајентификс рипортс“ открива нов приказ на системот на запченици со сите детали и сложени делови.

- Брилијантните умови од древна Грција на импресивен начин ги прикажале Сонцето, Месечината и планетите. Направивме модел според сите физички докази и се совпаѓа со описите во научните натписи гравирани на самиот механизам - истакна водечкиот автор на трудот, професорот Тони Фрит.

Механизмот е опишан како астрономски калкулатор и како прв аналоген компјутер на светот. Тој е изработен од бронза и има десетици запченици. На задниот дел е претставен приказ од космосот и движењето на пет планети кои биле познати во времето кога е направена направата. Но, неоштетени останале само 82 фрагменти - што е приближно една третина од направата - а тоа значело дека научниците морале да склопат слика користејќи рендгенски податоци и древен грчки математички метод.

Извор и фотографија: BBC
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука