Конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година, кој неодамна го објави Министерството за образование и наука, предизвика негодувања кај дел од наставниците затоа што се скратија некои програми за кои во претходните години немаше интерес и затоа што некои паралелки беа префрлени во други училишни објекти.
Земјоделската струка од средното училиште „Кузман Шапкарев“ ќе се префрли во средното училиште „Таки Даскало“, наведено е во Конкурсот за упис во средни училишта. Секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство со можност за упис на 25 ученици во една паралелка за агротехничар преминува во СОУ „Таки Даскало“.
Вработените од училиштето преку писмо реагираа до МОН дека „Кузман Шапкарев“ во Битола со децении бил значаен образовен центар кој ги задоволува потребите на земјоделците и општо во земјоделскиот сектор, но од МОН велат дека истото училиште со години имало проблем со бројот на ученици. Тоа е една од причините за дислокација на струката.
Вработените нагласуваат дека од суштинско значење е образовниот процес за профилите од земјоделско-ветеринарната струка да се реализира во рамките на специјализирано земјоделско училиште кое, според нив, располага со соодветни услови за изведување практична настава, вежби и теренска работа, како и стручен кадар.
Сепак, од МОН не се согласуваат со нив и велат дека треба да се размислува и за намалување на трошоците за одржување со оглед на тоа дека за толку малку ученици не може да се загрева цел училиштен објект.
- Конкурсот за упис во средно образование МОН го изработува заедно со општините, училиштата и бизнис-заедницата. Целта е креирање политики кои ќе го синхронизираат образованието со пазарот на трудот, односно да се даде приоритет и фокус на струките што се побарувани. Во земјоделската струка во Битола, дадена е една паралелка со 24 ученици, имајќи предвид дека во изминатите неколку години се запишуваат најмногу до 10 ученици - одговорија од МОН.
Училиштето е отворено во 1912 година, првично како школа за обука на кадар за заштита на добитокот.
Од Министерството за образование појаснуваат дека нема да има затворање, но дека тие што ќе се запишат од септември ќе почнат да учат во средното училиште „Таки Даскало“, додека оние ученици што веќе учат во земјоделското училиште ќе го продолжат својот образовен процес во земјоделското средно училиште.
Во моментов бројот на ученици во земјоделското училиште е: 9 ученици во прва година, 10 ученици во втора година, 10 ученици во трета година и 11 ученици во четврта година.
Паралелно со реакцијата на битолските наставници се случи и реакција на наставниците од Средното општинско училиште во Македонски Брод, СОУ „Св. Наум Охридски“, откако по 15 години се укина насоката Угостителство и туризам.
Под знак прашалник е ставено постоењето на ова средно училиште со оглед на тоа дека 90 % од наставниот кадар реализира настава во тој сектор.
-По однос на дополнително пристигнати барања како посоченото од Македонски Брод, Министерството за образование и наука ќе ги разгледа и ќе се изјасни во следните неколку дена. Не е исклучена можноста за изменување на конкурсот - велат од МОН за „Факултети.мк“.
Од МОН додадоа и дека Министерството активно води кампањи за запишување во средно стручно училиште, меѓутоа, одредени струки заостануваат. Поради тоа, има стипендии од 3.500 денари за ученици запишани во стручни училишта, а дополнително стипендиите за Земјоделски факултет изнесуваат 18.000 денари, како и за математика, хемија и физика, кои се дефицитарни струки.
Конкурсот за упис во средно образование предвидува над 25.000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата, од кои повеќе од 17.000 се во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското и 570 во уметничкото образование.
Пријавувањето на учениците ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со посебна најава за ученици преку сопствените кориснички сметки на schools.mk, по што потребната документација се доставува до училиштата.
Во јунскиот уписен рок има две пријавувања – првото од 12 до 15 јуни и второто на 23 јуни. Во августовскиот уписен рок има едно пријавување кое ќе се реализира на 20 август.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.