X
 15.05.2018 Наша тема

Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во Вип: На младите им нудиме работна атмосфера во која секој може да го даде максимумот

Се согласувам дека успехот зависи од способноста на вработените, но би сакал да додадам дека многу е важно колку се тие спремни да се вложат во работата и да добијат цел и смисла на тоа што го работат – вели во интервју за Факултети.мк, Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во Вип

Наша постојана мисија е да ги инспирираме младите, да ги мотивираме и да им понудиме работна атмосфера во која секој ќе може да го даде својот максимум, вели Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во компанијата Вип.
Тој е дел од ова семејство веќе 16 години. Знае како „дише“ секој вработен, кога му треба помош и поттик за да ги надмине своите професионални стравови и да извлече максимум од себе. Јовановски е дипломиран економист и магистер по менаџмент на човечки ресурси со 20 години работно искуство, од кои 16 ги поминал во телекомуникациската индустрија.
Главен фокус на Јовановски и денес останува обезбедувањето услови за развој на вработените заради целосно искористување на нивниот работен потенцијал, како и етаблирање на организациската култура и водство. Македонската асоцијација за човечки ресурси минатата година му го додели признанието Менаџер за човечки ресурси на годината за неговиот придонес во развојот на HR одделите во Македонија.


Стефан Јовановски

Успехот на компаниите многу зависи од способноста на вработените. Ним, пак, им се потребни добри услови за работа. Каква работна атмосфера владее во Вип? Што им нудите на вработените?

- Се согласувам дека успехот зависи од способноста на вработените, но би сакал да додадам дека многу е важно колку тие се спремни да се вложат во работата и да добијат цел и смисла на тоа што го работат. Наша постојана мисија е да ги инспирираме, мотивираме и да им понудиме работна атмосфера во која секој може да го даде својот максимум. Нудиме позитивна и компетитивна работна средина, стабилност на работното место, работна средина каде што вработениот е охрабрен и стимулиран, препознаен и ценет.

Каква можност за младиот кадар има во Вашата компанија кога се во прашање ретките и специфични професии?

- Има луѓе што својата работа може да ја работат во само неколку компании во земјава... - Точно, ваквите компании како нашата нудат градење на специфични и уникатни кариери во областа на телекомуникациите. Тоа го овозможува и користењето на најновите технологии и трендови во секојдневното работење, процесот на постојано учење и достапноста на ресурсите. Фактот што сме дел од групација која е извонредно амбициозна и напредна во практиките дава и една поинаква дополнителна вредност за афирмација и напредок за секоја од професиите што се поретки и специфични. Од самото влегување во нашата компанија колегите се подготвени за поддршка и споделување на уникатните знаења за да им го олеснат процесот на интеграција и правилно насочување на младите колеги.

Секој работник по извесен период очекува да има некаков напредок во кариерата. Како Вип одговара на овој предизвик?

- Компанијата нуди големи можности за откривање на потенцијалот на секој вработен за напредок не само во компанијата туку и во целата групација. Интерно, секое ново работно место го нудиме првично како можност за напредок на постојните колеги, со што стимулираме вертикално и хоризонтално движење во организацијата. Освен тоа, веруваме во филозофијата на процес на постојано учење и надградба на постојните компетенции, со што секој наш вработен создава уникатни можности за напредок во организацијата и во кариерата.

Какви професионални, но и лични квалитети треба да има некој за да стане дел од семејството на Вашата компанија?

- Нашата компанија верува во комбинација од технички компетенции, компатибилност со компаниските вредности (тим, доверба и агилност) и желбата за интеграција во постојните тимови. Во нашата компанија има место за секој што сака да учи, да напредува. Но, и да работи во модерна компанија која се грижи за своите вработени. Компанијата знае да ги препознае квалитетите на секој вработен, да го награди и да му овозможи услови за работа согласно амбициите.




Раководител сте на одделот за човечки ресурси во Вип... Од Вашето досегашно искуство во оваа област, што го прави еден работник среќен и задоволен на работното место? Што ги држи вработените лојални кон една компанија?

- Секој вработен има свои очекувања од работното место и тие очекувања го прават лојален и мотивиран. Предизвикот на нашиот оддел е да ги предвидиме и да ги насочиме нашите активности кон исполнување на овие очекувања.

Што би ги советувале младите што се во потрага по работно место, како да го најдат совршеното, но и да се изборат за него?

- Младите треба, пред сѐ, да размислат за себе и за своите компетенции, во каков тип средина најдобро би се интегрирале и би го дале својот максимум. Во процесот на апликација треба, пред сѐ, да покажат амбициозност, а потоа и знаење, спремност за учење и флексибилност. Тоа е двонасочна врска каде што двете страни треба константно да вложуваат во тој однос и постојано да го унапредуваат. Не е доволно некој само да се избори за работното место, туку тоа е процес на постојано потврдување, учење нови вештини и барање иновативен и оптимален начин за нивна апликација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема