Грчката влада најави радикален потег во борбата против негативното влијание на социјалните мрежи врз младите - од јуни следната година планирано е да се воведе забрана за користење на платформи како „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Фејсбук“ за деца помлади од 15 години.
За разлика од повеќето држави што се потпираат на препораки и родителски надзор, Грција планира оваа мерка да ја спроведе преку посебна државна апликација, која би била задолжителна на мобилните уреди. Според информациите, апликацијата автоматски би го блокирала пристапот до социјалните мрежи за корисниците во целната возрасна група.
Оваа одлука доаѓа како одговор на загрижувачките податоци за менталното здравје на младите. Сè почесто се бележат проблеми како нарушување на сонот, анксиозност и прекумерна изложеност на дигитални содржини.
Податоците на грчкиот Центар за безбеден интернет покажуваат дека дури 75 проценти од децата на училишна возраст активно користат социјални мрежи, што дополнително ја зголемува загриженоста на властите.
Целта е заштита на децата
Премиерот на Грција порача дека основната цел на оваа мерка е заштита на развојот на децата и младите, нагласувајќи ја потребата од појасни граници во дигиталниот простор. Според резултатите од анкетите, околу 80 проценти од граѓаните ја поддржуваат оваа иницијатива.
Грција претходно воведе строги мерки кога станува збор за употребата на технологијата во образованието, вклучувајќи ја и забраната за користење мобилни телефони во училиштата. Најновиот потег дополнително ја рангира меѓу земјите што се обидуваат системски да го регулираат влијанието на социјалните мрежи врз помладата популација.
Земји што веќе воведоа ограничувања
Иако Грција најавува еден од најстрогите модели во Европа, повеќе држави веќе воведоа одредени облици на контрола на користењето на социјалните мрежи кај децата и младите. Франција, на пример, ја забрани употребата на мобилни телефони во училиштата за учениците до 15 години, додека во Велика Британија и САД фокусот се става на законската регулација и обврската на платформите да воведат посилна верификација на возраста на корисниците. Кина оди чекор понапред со строги дигитални правила за малолетниците, вклучувајќи го и ограничувањето на времето за користење на апликациите и задолжителната идентификација, но ни таму не постои целосна забрана на сите социјални мрежи. Австралија, исто така, разгледува слични мерки, но тие сè уште не се целосно имплементирани.
Сепак, експертите предупредуваат дека клучот за успехот ќе биде техничката имплементација на ваквиот систем. Посебно се истакнуваат прашањата за заштита на приватноста, безбедноста на податоците и потенцијалниот надзор, кои би можеле да отворат поширока дебата за границите на државната контрола во дигиталниот простор.
Фото: freepik