X
 18.11.2021 Наша тема

Автобусите веќе не можат да им избегаат на студентите од Битола

Група млади истражувачи од ФИКТ изработија мобилна апликација за следење на автобусите и брзо пријавување комунални и сообраќајни проблеми

Во цивилизираниот свет доцнењето на автобусот се мери со стоперка, но кај нас за тоа треба часовник. Александар Попов е струмичанец кој студира на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола и кога се досели во новиот град, се соочи со еден банален, но сериозен проблем - доцнењето на автобусите и непрегледноста на возниот ред.

- Кога дојдов да студирам во Битола, никако не можев да се снајдам со возните линии, морав да ги прашувам пријателите во колку часот минува автобусот, на која постојка, не знаев дали доцни и колку. Автобускиот превоз во Битола не е многу прегледен, не може на брз и едноставен начин да се видат информациите за постојките и автобуските линии - раскажува Попов.



Заедно со колегите од факултет, Димитар и Константин Вељановски и Најле Емини, одлучија да изработат апликација со достапен автобуски временски распоред, следење на пристигнувањето на автобусите и добивање нотификации за можно задоцнување.

- Апликацијата е во изработка. Откако ќе биде готова, ќе биде достапна за сите, како сите други апликации и игри што се спуштаат на телефон. Еден од главните делови на апликацијата е што корисниците можат да гледаат по постојки кога треба да пристигне следниот автобус, ако селектираат одреден автобус, може да добиваат нотификации доколку на патот се случи некоја незгода или проблем, дека може да доцни одреден период - вели студентката Најле Емини.

Тие не можат да утврдат колку точно ќе доцни, но известувањето е значајно за да одлучат дали да продолжат да чекаат или да побараат друго решение за превоз зашто, како што велат, понекогаш и неколку минути значат многу.
Изложениот автобуски ред на постојките во Битола честопати е искинат, па нема прецизни информации кој автобус кога поминува.

Студентите ја проширија и функцијата на ова софтверско решение. Алатката ќе содржи и можност за пријавување комунални и сообраќајни проблеми, проследување на пријавите до соодветните институции со цел нивно брзо решавање.



- Направивме едноставна и лесна апликација за користење. Секој што ја има ќе може да пријави проблем на тој начин што ја пријавува локацијата и плус додава слика за да нема ситуации некој да си игра само со апликацијата. Ќе додаде слика од местото, таа се пренасочува, се пушта до надлежната организација и таму гледаат дали треба проблемот итно да се реши и што побрзо да реагираат - додава Попов.

Студените ја презентираа апликацијата во рамките на проектот „Превозот и урбанистичкиот сообраќај - софтверско истражување од Битола“, на студентската конференција „Техниката и урбаниот развој“, на која беа презентирани повеќе студентски проекти, од кои дел беа наградени од битолското стопанство.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема