X
 20.03.2026 Наука

Телемедицината им помага на пациентите со рак на дојка да продолжат со третманот

Одржувањето контакт со лекари преку интернет може да им помогне на лицата што преживеале рак на дојка да продолжат со третманот, се тврди во неодамнешна студија од Универзитетот во Џорџија.

По хемотерапијата и операцијата, на повеќето пациенти им е препишана орална ендокрина терапија за да се спречи враќање на болеста. За овие апчиња да бидат ефикасни, треба да се земаат редовно неколку години. Но, тоа често доаѓа со несакани ефекти, како што се проблеми со плодноста и други нарушувања на квалитетот на животот, што го прави долгорочното придржување кон терапијата предизвикувачко, особено за помладите жени.

Новата студија покажала дека жените што користат телемедицина (телемедицината е дигитален здравствен концепт кој овозможува прегледи, консултации и следење на пациентите од далечина преку напредна технологија, со што се зголемува достапноста до нега, се намалуваат патувањата и се штеди време), имаат 58 % поголема веројатност да се придржуваат до својот план за лекување. 

- Идејата е да се користи телемедицината за да се засили идејата за тоа колку е важно да се продолжи со земање на овие лекови, ако сакате да избегнете повторување на ракот или да имате метастази. Ако давате услуги за телемедицина, можете да прашате дали пациентот ги земал своите лекови и дали има какви било проблеми - вели Лоренцо Вила-Запата, коавтор на студијата.

Пациентите во урбаните региони имаат поголема веројатност да користат услуги за телемедицина

Новата студија анализирала податоци од 1.100 жени под 65 години. На сите им бил дијагностициран рак на дојка од 2018 година. Во период од пет години 77 % од пациентите користеле услуги за телемедицина, вкупно 8.350 посети. Истражувачите откриле дека жените во урбаните средини имаат поголема веројатност да користат телемедицина во споредба со оние од рурални средини. Негрижата за транспорт може да биде клучна причина, велат истражувачите. Локацијата, исто така, играла улога во тоа колку е веројатно жените да користат услуги за телемедицина, велат истражувачите. 


Жените што користеле телемедицина плаќале повеќе од џеб

Иако телемедицината била ефикасна во поддршката на земањето на лековите, има и недостаток. Пациентите што користеле услуги за телемедицина плаќале 15 % повеќе трошоци од џеб, во споредба со оние што не ги користеле. Делумно причината може да биде тоа што некои пациенти имале повеќе хронични здравствени состојби, што ги навело почесто да користат телемедицина, велат истражувачите. Сепак, трошокот може да биде пречка за пациентите.

Една од причините зошто руралните региони помалку ја користат телемедицината би можела да биде тоа што пристапот до интернет и употребата на технологија се помали, велат истражувачите.

Со тоа што телемедицината би станала подостапна, истражувачите се надеваат дека повеќе жени ќе можат да се придржуваат до своите планови за лекување и да ги намалат шансите за враќање на болеста.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука