X
 16.08.2025 Живот

Најголемиот приватен бункер во Швајцарија - дел од 374.142 засолништа што гарантираат безбедност за секој жител

Во планините под селото Сент Маргретенберг и во близина на познатото одморалиште Бад Рагац се крие најголемиот бункер во Швајцарија, кој е во приватна сопственост. Станува збор за „Швајцарска планинска тврдина“, познат и како „Тврдина Фургелс“, кој се протега на површина од околу 30.000 квадратни метри, на надморска височина од 1.220 метри.

 
Бункерот бил изграден за време на Втората светска војна, а со текот на времето бил доградуван и подобруван, вклучително и со нуклеарни филтри и системи за преживување во услови на нуклеарна војна.

До 2001 година постоењето и локацијата на овој објект биле државна тајна бидејќи бил во сопственост на швајцарската армија.

Првично, бункерот бил дизајниран да обезбеди засолниште за повеќе од 500 војници истовремено, без потреба да излегуваат надвор во период од шест месеци. Денес тој е во приватна сопственост на претприемачот Ерих Брајтенмозер, кој изнајмува делови од објектот на швајцарски компании како безбеден магацински простор.


Впечатлива инфраструктура под земја

Бункерот се наоѓа во внатрешноста на планината и има две нивоа кои се поврзани со лифт и ходници, со вкупна должина од над 10 километри. Главниот влез е доволно широк за да можат да поминат воени камиони и тешки возила.

Бункерот располага со околу 500 легла, простории за складирање оружје, голема кујна и неколку трпезарии, бањи, канцеларии и болница. Има над 190 простории, генератори за производство на електрична енергија, како и резервоар за вода со капацитет од 1,8 милиони литри.

Национална мрежа од над 374.000 бункери - сигурност за секој Швајцарец

Швајцарија располага со неверојатни 374.142 бункери, што ја прави земја со најразвиена мрежа на засолништа во светот. Благодарение на законот донесен во 60-тите години, секој жител има законски загарантирано место во бункер во близина на своето живеалиште - мерка што овозможува покриеност за над 100 отсто од населението.

 

Извор: Punkufer.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот