Возачите на електрични тротинети имаат трипати поголема веројатност да задобијат трауматска повреда на мозокот отколку мотоциклистите, покажува анализата на сообраќајните несреќи во Англија и Велс.
Истражувањето покажа и дека жените се посебно изложени на ризик од сериозни повреди.
Повредите на мозокот чинеле повеќе од третина од сите повреди кај возрасните лица кои возеле електрични тротинети, а возачите почесто задобивале и повреди на внатрешните органи и крвните садови отколку мотоциклистите или велосипедистите.
Британската влада од 2020 година поддржува пробни програми за изнајмување електрични тротинети во Англија, но се проценува дека во Велика Британија во приватна сопственост има уште околу милион вакви возила.
Нивната употреба на јавните патишта, тротоарите и велосипедските патеки не е дозволена, а полицијата ширум земјата заплени илјадници тротинети поради кршење на прописите.
Анализата покажа дека жените учествувале во околу една третина повеќе несреќи отколку мажите и дека повеќе од двојно почесто пријавувале тешки повреди. И децата биле изложени на ризик - дури 16 отсто од сите повреди на електричните тротинети се однесувале на лица помлади од 18 години.
Резултатите ги поттикнаа експертите да побараат побезбедни и постабилни електрични тротинети, посебно за жените, кои почесто задобиваат повреди на градниот кош бидејќи висината на управувачот главно е прилагодена за мажите.
Експертите сметаат дека задолжителната безбедносна обука и носењето кацига дополнително би ја зголемиле сигурноста.
Дејвид Бодански, консултант за хирургија, трауматологија и ортопедија во болницата „Челси и Вестминстер“ во Лондон, ги анализираше податоците од националниот регистар за тешки трауми за несреќите со електрични тротинети, мотоцикли и велосипеди во 18 градови во Англија и Велс во периодот од 2020 до 2022 година.
Тој утврди дека возачите на електрични тротинети имале повеќе од тројно поголем ризик од трауматски повреди на мозокот или крвните садови и еден и пол пат поголем ризик од повреди на внатрешните органи отколку мотоциклистите. Исто така, поминувале полошо и од велосипедистите кога станува збор за овие видови повреди.
Од друга страна, имале помал ризик од скршеници на коските отколку возачите на мотоцикли и велосипеди.
Податоците не откриваат зошто електричните тротинети се вклучени во толку многу несреќи, но Бодански смета дека една од причините е нивниот дизајн.
- Електричните тротинети имаат многу мали тркала и многу лесно може да пропаднат во дупка на патот. Тогаш возачот прелетува преку управувачот и паѓа директно на глава - вели тој.
Според истражување објавено во списанието „Саентифик рипортс“, помалку од 6 отсто од возачите на електрични тротинети пријавиле дека носат кацига.
Потребни се построги правила
Претходните истражувања покажаа дека жените почесто возат електрични тротинети по тротоар, иако некои други истражувања не пронајдоа разлики меѓу половите.
Во истражување од 2024 година Петја Венциславова, виш предавач по психологија на сообраќајот на Универзитетот „Нотингем Трент“, утврди дека повеќе од половината возачи на електрични тротинети возат по тротоар или превезуваат уште едно лице, додека мажите почесто пријавувале користење мобилен телефон за време на возењето и поминување на црвено светло.
Според нејзините зборови, законот би требало јасно да дефинира каде и како смеат да се користат електричните тротинети, но и да воведе задолжителна безбедносна обука.
- За разлика од автомобилите и мотоциклите, електричните тротинети се воведени без никаков барање за формална обука, иако се моторни возила - вели та и додава дека електричните тротинети се возат значително поинаку од велосипедите.
- Возачите стојат исправено, имаат повисок центар на гравитација, управувањето е почувствително, а многу се поподложни на нагло запирање кога малите тркала ќе удрат во раб, дупка или препрека на патот. Поради тоа природно се помалку стабилни и при падови доаѓа до потешки повреди.
Извор:
The Guardian
Фото: Magnific