Експертите за сообраќај и властите во многу земји со децении се обидуваат да го намалат бројот на сообраќајни несреќи. Покрај класичните методи, како камери на патиштата, полициски патроли и казни, понекогаш се влијае и врз човечката психологија.
Оптички илузии во сообраќајот постојат на некои локации (сетете се на 3Д-пешачки премини), но Шпанците решија да одат чекор понапред и да употребат метод наречен „заби од змеј“, со цел да ги натераат возачите да возат побавно.
Станува збор за бели триаголници нацртани на внатрешната страна на белите линии што ја означуваат коловозната лента. Поради својот изглед, го добиле името „заби од змеј“.
Овие бели триаголници може да се видат во Бургос, како и во Мадрид, каде што триаголниците се наизменично обоени во жолта и бела боја.
Идејата е да создадат впечаток кај возачите дека патот се стеснува и дека треба да возат повнимателно, односно побавно. Пред пешачки премини често се наоѓаат и цикцак-линии кои, исто така, предупредуваат да се намали брзината.
На местата каде што е поставена новата хоризонтална сигнализација, или подобро кажано илузија, засега нема сообраќајни несреќи, а претходно ги имало, со човечки жртви.
Извор:
Citymagazine.danas.rs
Фото:
Twitter