„Лав бомбинг“ (англ. Love bombing) сѐ почесто се споменува во модерните врски, а психолозите овој термин го опишуваат како опасна тактика на манипулација каде што партнерот на почетокот ве затрупува со прекумерно внимание и подароци. Целта не е љубов, туку брза контрола и создавање зависност.
На самиот почеток од врската сѐ изгледа како од бајка: непрекинати пораки, раскошни подароци, изјави за љубов и планови за иднината додека сѐ уште не сте се ни запознале добро.
Меѓутоа, експертите за партнерски односи предупредуваат дека зад ова романтично сценарио често стои суптилен и опасен облик на емоционална манипулација познат како „лав бомбинг“ (љубовно бомбардирање).
Прекумерното внимание во раната фаза од односот најчесто не е знак за голема љубов, туку механизам за контрола со кој се создава брза емоционална зависност.
Пример за тоа се изјавите од типот „Ти си мојата сродна душа“ или предлозите за заеднички живот по само неколку дена познанство. Тука спаѓа и очекувањето да одговарате на пораките и повиците во рок од неколку секунди, со суптилно префрлање доколку времето го поминувате со пријателите.
Скапите подароци и грандиозните планови чија цел е да се почувствувате должни или да ги укинете сопствените граници се уште една точка на која треба да обрнете внимание.
Зошто овој тренд е опасен?
Главната опасност од оваа тактика лежи во она што следува. Кога манипулативната особа ќе ја обезбеди вашата приврзаност и доверба, фазата на воодушевување нагло престанува. Настапува фаза на обезвреднување преку критики, игнорирање, емоционално студено однесување и контрола.
Лицето што претрпело „лав бомбинг“ останува во состојба на шок, несвесно барајќи го виновникот во себе и обидувајќи се на сите начини да ја врати „совршената личност“ од почетокот на врската. Со тоа влегува во маѓепсан круг на емоционална зависност од кој тешко се излегува.
Психолозите советуваат секогаш да му верувате на сопственото внатрешно чувство. Здравите односи се градат постепено, со меѓусебно запознавање и почитување на личниот простор.
Ако односот од самиот старт изгледа интензивно, исцрпувачки и премногу добро за да биде вистинито, направете чекор назад и поставете јасни граници.
Извор:
Klix.ba
Фото: Magnific