X
 05.03.2017 Наука

Научници најдоа начин како брзо да одмрзнат замрзнати ткива без да ги оштетат


Криоконзервација

Научници развија техника која им овозможува брзо одмрзнување на крио-конзервирани примероци од човек и од свиња без притоа да го оштетат ткивото, а тоа би можело да помогне во укинување на листите на чекање на трансплантација на органи.

Крио-конзервацијата е начин на заштитување ткива на температури на течен азот (минус 196 степени Целзиусови) во подолг временски период и нивно повторно враќање во првобитна состојба без никакво оштетување, а тоа е постигнување за кое научниците одамна сонувале, особено кога станува збор за поголеми примероци од ткива и органи.

Во моментов, огромен број луѓе ширум светот умираат чекајќи трансплантација на орган. Еден од најголемите предизвици не е недостигот на органи, туку неиздржливоста на органот да остане неоштетен во мраз повеќе од неколку часови.

Тоа значи дека дури и да има доволен број донирани органи, сè уште постои логистичкиот проблем во обидот да се најде и доволно брзо да му се достави на соодветен примач.

Се проценува дека годишно повеќе од 60 проценти од донираните срца и бели дробови се фрлаат, бидејќи не можат да се сочуваат замрзнати подолго од четири часа.

Затоа, крио-конзервацијата може да биде најдоброто решение – зачувување на ткивото на температури околу минус 80 и минус 190 степени Целзиусови.

Една од водечките крио-конзерваторски техники е витрификацијата (застаклувањето) која вклучува супер-ладење на биолошки примероци до состојба на застаклување, на температура од околу минус 160 степени Целзиусови. Со помош на оваа техника, органите можат да се чуваат со години, а докторите можат да направат банки за нивно складирање и искористување во секој момент кога е потребно.

Но, на површина испливува другиот проблем – одмрзнувањето. При одмрзнувањето, постои огромна опасност кристалите мраз да го оштетат ткивото. Поради тоа, наместо да употребат конвекција, научниците искористиле наночестички за да ги загреат ткивата, што ќе рече дека на тој начин не се формираат кристали мраз, па и ткивата остануваат неоштетени.  

Процес на крио-конзервација

За да го постигнат тоа, научниците измешале наночестички од железен оксид обложени со силикат и раствор, и предизвикале топлина преку аплицирање на надворешно магнетно поле.

Загреаните ткива преку оваа постапка не покажале знаци на оштетување.

Потоа, наночестичките успешно биле отстранети од примерокот по одмрзнувањето.

Тимот научници признава дека на (по)големите ткива – па и на цели органи – ќе треба да им се вбризгаат наночестички, за да може да се постигне истото загревање.  


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука