X
 10.02.2019 Наука

Објавена студија во која Кина е обвинета за крадење органи од затвореници

Научната заедница има строги стандарди кога станува збор за истражувања за трансплантација на органи. Истражувачите не можат да користат органи од егзекутирани затвореници или органи добиени без дозвола од донорот и меѓународен етички комитет мора да даде зелено светло за секоја студија пред нејзино објавување во истражувачко списание.

Но, поразителен нов извештај открива дека кинески истражувачи можеби трансплантирале илјадници неетички добиени органи во пациенти, вклучувајќи ги тука и органите добиени од затвореници на совеста - луѓе чиј единствен криминал е тоа што имаат политички или верски гледишта кои се во судир со кинеските власти.

Во опширно дело објавено во списанието „Би-ем-џи опен“ истражувачи од Австралија и од САД ја образложуваат нивната анализа на 445 студии објавени во рецензирани списанија на англиски јазик во периодот меѓу јануари 2000 и април 2017 година. Во сите студии биле вклучени трансплантации на срца, црни дробови или бели дробови во Кина.

Според нивната анализа, 92,5 проценти од публикациите не забележале дали трансплантираните органи за кои станува збор во објавените студии се од егзекутирани затвореници, а неверојатни 99 отсто не наведувале дали донаторот дал согласност. Сепак, во 73 отсто од студиите било наведено дека институционален етички комитет го одобрил истражувањето.

Надворешно истражување забележува неусогласеност меѓу бројот на официјални донори на органи во Кина и бројот на приматели, а истражителите заклучиле дека најверојатно голем број од органите за кои не е поднесена сметка се од затвореници на совест.

Јасно е дека системот не е во ред и авторите на делото во „Би-ем-џи“ имаат неколку предлози како да се реши ситуацијата.

Прво, тие повикуваат на повлекување на сите изданија за кои нашле дека не се во согласност со меѓународните етички стандарди. Тоа би испратило порака дека истражувачите не можат да се извлечат со игнорирање на правилата.

Второ, тие предлагаат трансплантската заедница да заседава на меѓународен самит за да развие систем на политики и процеси за идните истражувања. Овие политики може да вклучуваат и барање списанијата да имаат информации за изворите на органите пред да објават некое поврзано истражување.

Додека да се одржи тој самит сите публикации за клинички трансплантации требa да одбиваат да објавуваат студии за трансплантации од Кина.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука