X
 06.10.2017 Живот

Корените на модерниот канцелариски простор

Со векови луѓето се будат и одат на работа, најчесто во канцеларии, кои сега се неизоставен дел од речиси секоја професија. Низ историјата работите се менувале, од физичкиот простор во канцелариите до технологиите и социјалните вештини што се применуваат.

фото извор: Getty Images

Изворот на модерните канцеларии лежи во големите организации, како што се владите, компаниите и религиозните групи, кои бараат пишани информации или документација. Средновековните свештеници, на пример, работеле во тивки простории дизајнирани за нивните активности, како што се изучувањата на стари ракописи. Што значи, старите канцеларии и простори за работа имале биро, стол и полици на кои се складирале документите.

Во средновековието ретки биле канцелариите што биле и работен простор и показател за престиж и моќ, бидејќи голем број луѓе работеле од дома. Се смета дека работите се промениле во 17 век, прво во градови како Амстердам, Лондон и Париз, каде што се почнало со работење во специјализирани работни простории. Па со тоа дошло до поделба помеѓу просториите што се наменети за работа и оние што се наменети за комфор, приватност и интимност. Сепак, работата од дома продолжила, што е случај и во модерно време.

Во текот на 19 и 20 век, настапиле драстични промени во дизајните на канцелариите. Се креирале канцелариски простории во огромни згради и кули во Чикаго и во Њујорк, а потоа и кампуси на корпорации. Во минатото работата била обликувана според социјалните и културолошките очекувања уште пред да постојат модерните канцеларии. Потоа канцелариите добивале облик на фабричка средина. Со тек на време се додавале детали, како цвеќиња и слични декорации, за да ја зголемат мотивацијата и да остават впечаток на пријатна средина која ќе донесе продуктивност во работата.

Промените во технологијата исто така влијаеле. Со развојот на компјутерите и различните видови уреди дополнително се олеснила канцелариската работа. Телефон, факс, печатач, компјутер, машини за копирање и слично, се дел од низата модерни уреди со кои почнале да функционираат канцелариите. Сега, со интернетот, сè повеќе луѓе можат да работат од дома.


Сепак, начинот на кој стапуваме во меѓусебна интеракција и физичката близина се многу важни за остварување комуникација и соработка, што е многу важно за реализирање одредени задачи, па денешните компании повторно се обидуваат да ги вратат луѓето во канцелариите. Се предвидува дека канцелариите од иднината многу ќе наликуваат на домашните простории, но сепак времето ќе покаже.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот