X
 07.10.2017 Живот

„Алпите ни умираат пред очи!“

алпи
Фото: Thinstock

Група на научници пешки ги поминала Алпите во 1992 година, а истиот подвиг го повторила и ова лето. Во проектот наречен „ВацАлп“ тие утврдиле дека промените на Алпите се застрашувачки како резултат на климатските промени. Сепак, постојат иницијативи што влеваат надеж.

Идејата била да одат по истиот пат како пред 25 години: од Виена до Ница во Франција. Очекувале промени, но некаде тие биле поголеми отколку што мислеле. Во пониските делови на Алпите шумите умирале и имало многу повеќе штетни инсекти. Овоштарниците биле оштетени од честиот мраз и предвременото затоплување. На врвовите на Алпите глечерите се повлекувале - онаму каде имало снег и лето и зима, ова лето било суво.

Тоа не е сè: дождовните бури станале сè почести, а нивните води го промениле пејзажот. На некои места немало ни патека по која оделе пред 25 години, бидејќи земјата од дождот се распаднала во долината. „Тоа беа знаци на климатските промени. Сите се свесни за тоа, но никој не го менува однесувањето. Времињата се променија. Во приоритетите и во политиката. Сега сите се занимаваат само со глобални теми како што е тероризмот и бегалците“, вели швајцарскиот географ Хари Спајс.

Кога станува збор за бегалците, и на Алите се случило нешто што пред 25 години не можеле ни да го сонуваат: овој планински масив е главната пречка на бегалците на нивниот пат кон северна Европа, така што и денес некои од нив ги користат планинските патеки и стази и се обидуваат од Италија да стигнат до Франција.

Но многу поголеми промени биле предизвикани од туристите. Имало голем број посетители од Далечниот исток, па на Алпите биле променети работи за да им се овозможи сместување. Биле изградени или проширени патишта, хотелите се поголеми, паркиралиштата се многу пошироки. Туризмот во некои долини веќе стигнал до самите граници кои ги поставила самата природа. А климатските промени ќе ја загрозат егзистенцијата и многу населби.

Климатските модели велат дека јужните падини на Алпите ќе бидат изложени на повеќе суши и бранови на топлина, но и екстремен дожд и снежни бури. Северните падини пак, ретко ќе бидат под снег, но ќе почесто ќе ги погодуваат обилни врнежи со силни атлантски метеоролошки текови.

Доминик Зигрист, швајцарски архитект по животна средина и географ на овогодишното патување сепак најде надеж: една четвртина век ретко кој обрнувал внимание на предупредувањата за зачувување на животната средина, а сега постојат повеќе локални организации што работат на оваа област.

Оваа активност вклучува научни истражувања, проекти што поттикнуваат одржливо земјоделство и туризам. Постојат многу нови локални, регионални и меѓународни иницијативи кои се стремат да ги прошират областите што се или под заштита или прогласени за национални паркови.

Овие групи се активни на меѓународна сцена за да се спротивстават на проектите што ќе го променат пејзажот на Алпите, како што е проектот за автопат од Минхен доВенеција. Тие активно делуваат и против оние кои скијачките терени ги преместуваат кон врвовите на планините, каде што сè уште има природен снег.

Што ќе биде за 25 години? Во секој случај сакаат да тргнат и по тој пат, ако им дозволи нивното здравје. Тешко дека климатските промени нема уште повеќе да ги променат Алпите, но можно е да има и други изненадувања.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот