X
 21.11.2017 Живот

Супермодел обезбедува школарини за програмерки!


Карли Клос
(Фото: Youtube Screenshot)


Карли Клос е модел и манекенка, а од својата 25. година е и претприемач. Имено, Клос е успешна програмерка, а во април 2015 година се здружила со институциите „Flatiron school“ и „Code.org“ за да понуди школарина под наслов „Kode with Klossy“. Оваа школарина е наменета за девојчиња и млади девојки што се заинтересирани за програмирање и за софтверски инженеринг.

Карли Клос се најде на насловната страница на декемвриското издание на „Форбс“, а се наоѓа и на листата „30 Under 30“.

„Не навлегов во сето ова со план да направам непрофитна образовна организација. Навистина влегов поради својата љубопитност и желба да учам што значи кодирање, затоа што тоа им даде огромна вредност на претприемачите и на стартапите за кратко време.“

Таа најпрво запишала курс во школото „Флетирон“ и била најдобрата ученичка во својата група. Го совладала програмскиот јазик „Руби“, како отворена платформа за брзо креирање веб-апликации. Веднаш забележала дека на часовите не е еднаква застапеноста на мажи и на жени, односно дека мажите се мнозинство. И тогаш ѝ се родила идејата да направи платформа и да стигне до девојките низ светот.

Таа организирала двонеделен камп за тинејџерки на возраст од 13 до 18 години. Лично ги избирала предавачите и направила програма. Во јуни оваа година програмата опфаќала дури 12 града во Америка, со намера да се проширува и понатаму.

Клос не им помага само на девојчиња. Минатиот јули таа лично лансирала едногодишна стипендија за онлајн-курсот „Full stack web development“. И додека другите непрофитни организации покренуваат слични мисии, како „Girls who Code“ и „Black Girls Code“, Клос и натаму успева да допре и до милион луѓе.

Станува јасно дека нејзината цел е да внесе рамноправна застапеност на половите во програмирањето, како и дека жените што ќе ги поминат тие обуки еден ден ќе можат да заработуваат иста плата како и мажите. „Има толку млади жени што би можеле да го променат светот со оваа можност, а кои се обесхрабрени со фактот дека во оваа индустрија нема многу девојки“, истакна Клос.

Иако била добар ученик и одлична математичарка, Клос ја почнала својата кариера на 13-годишна возраст како манекенка и модел. Благодарение на популарноста на социјалните мрежи, нејзините хонорари брзо растеле, а веќе во 2014 година била на листата на „Форбс“ за најплатени модели. Некои нејзини договори вределе и по неколку милиони долари.

Клос направила и сè уште прави една голема работа. Таа не е само уште едно убаво лице кое е искористено од страна на индустријата. Таа ја сврти целата приказна така што не само што самата си дава сопствена вредност – туку е и личност што го користи своето влијание за да им помогне на другите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот