X
 17.06.2019 Наша тема

„По скалилата на успехот“: Ризикувајте, не сте свесни што има на врвот - Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Ако за некој идеалната работна позиција е осумчасовно работно време, најмалку 20 работни дена одмор во годината, платени придонеси и пензија на 62 години, за неа ризикот е предизвик. Да одлучите да си дадете отказ од висока позиција, а да немате план Б. Дијана Десподов вели дека во ризични ситуации го вади најдоброто од себе. Водејќи се од поговорката - Бродот е најбезбеден во пристаништето, но создаден е за бури, за отворено море, таа за дваесетина години достигнала врвови. Харизматична, насмеана и непосредна, критична, борец за правата на жените, за животната средина, за одговорност во секој аспект од животот, Десподов речиси една и пол година раководи со Американската стопанска комора во Македонија (AmCham – Macedonia) попозната како АмЧам. Ова е нејзината инспиративна приказна.

Дијана Десподов

Родена е во Делчево, каде што завршила основно образование. Се одлучила средното да го продолжи на природно-математичката насока, не дека имала посебен афинитет кон природните науки, туку, едноставно, таму оделе подобрите ученици.
- Секогаш бев одлична, но никогаш не бев „бубалица“. Мислам дека поради тоа што имам природна љубопитност, брзо и лесно учам, но одев и слушав на часови. А тоа многу помага - вели Десподов.

Студентските денови во Бугарија и во Унгарија


Вродените предиспозиции имале големо влијание врз развојот на нејзината понатамошната кариера, во секој аспект. Ја примиле на два факултета – на Катедрата за англиски јазик при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но истовремено од Фондацијата „Институт отворено општество – Македонија“ добила стипендија да студира на Американскиот универзитет во Благоевград. Во тоа време, во 1995 година сè уште немало многу луѓе од Македонија што студирале во странство. Таа одлучила да ризикува и одбрала новинарство и масовни комуникации. За кратко време ѝ се потврдило дека го направила вистинскиот избор.

- За мене тоа беше една точка на прекршување. Беше различно, предизвикувачки, а јас секогаш се фрлам во предизвици. Не ми прават анксиозност, туку ми даваат енергија, полет и сакам да ги прифаќам. Иако бев во соседна Бугарија, влегов во еден друг свет каде што образованието беше сосема различно. Имаше поинаков однос меѓу професорите и студентите. Нè учеа критички да размислуваме и практично да го аплицираме знаењето. Односот беше двонасочен, се засноваше на почит, дијалог, на дискусија. Често посетуваме студентски конференции, запознававме луѓе од различни земји и култури. Ми се отвораа видиците, ми се отворија еден куп врати и прозорци - раскажува Десподов.

„Факултетот не одредува со што ќе се занимаваш“

Според неа, млад човек на 18 години сè уште не е подготвен да се соочи со притисокот и да одлучи што точно ќе прави во остатокот од животот. Факултетот не одредува со што ќе се занимаваш, а на крајот на краиштата, малкумина го работат тоа што го студирале. Десподов верува во една друга филозофија - учењето е доживотен процес.
- Одбрав новинарство и масовни комуникации зашто од сите понудени таа ми беше најприфатлива опција. И ми се поклопи со карактерот - продолжив да се занимавам со комуникации во наредните 18 години. Навистина се пронајдов во таа приказна. Сакам да имам комуникација со луѓе. Не можам да седнам во канцеларија пред компјутер и така да ми помине цел ден. Се полнам со енергија и идеи од интеракцијата со луѓе и затоа толку се најдов во областа на комуникации и пиар - раскажува Десподов.

Магистрирала на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, на Југоисточноевропски студии. Тука научила пофокусирано да ги гледа работите.

Од секоја ситуација може да се научи нешто

- Успехот не е права нагорна линија. Секогаш има подеми и падови, планови што нема да се остварат, работи што нема да излезат така како што сме планирале и треба да бидеме спремни за тоа. Ако се врземе за идејата дека сè мора да оди нагоре, само ќе се разочараме и ќе се обесхрабриме - децидна е Десподов.

По завршувањето на студиите се вратила во Македонија и работела различни работи – од приватен сектор, невладини организации, до проекти на ЕУ и УСАИД. Вели дека единствено се фокусирала од секоја ситуација да го извлече најдоброто.

- Од секоја ситуација може да се научи нешто. Колку во моментот и да ти се чини рутинска, неинтересна, некреативна работа, од сè можеш нешто да научиш и да се надградиш - вели таа.

Десподов со Џејмс Бејли, претходниот амбасадор на САД во земјава

На 30 години се преселила во Соединетите Американски Држави. Почнала да работи како практикант, неплатено, во организација која се занимавала со унапредување на правата на жените. Свесна дека почнува кариера во земја каде што нејзиното претходно искуство никому ништо не му значи, знаела дека ќе мора да се докаже ако сака да се вклучи во тој систем, на тој пазар на трудот.

- И така на 30 години отидов да бидам практикант кој работи без плата. Можев да се жалам, да раскажувам колку било нефер, колку сум била онеправдана... Но, не го сторив тоа. Тоа ме поврза со многу луѓе и така завршив во Светска банка во Вашингтон - раскажува Десподов.

Поради семејни причини, се преселила во Украина, па во уште неколку други земји. Со секое ново селење барала нова работа, понекогаш почнувала нова кариера, на сосема ново поле. Од една страна, било тешко, но, од друга страна, ја изградило во тоа што е денес.
- Се калиме низ тешкотии - кога ќе излеземе од комфорната зона и ќе преземеме ризик. Мислам дека максимално ги искористив сите тие промени. Комфорната зона и безбедноста никогаш не ми беа привлечни. Цел живот во една компанија, на едно поле, имаш многу помал простор да се развиваш, да учиш. А учењето е доживотен процес. Секогаш можеш да се надградиш, доквалификуваш, преквалификуваш, на 50 години да отидеш во сосема нова индустрија. Ми треба тој предизвик и во тие ситуации го остварувам мојот потенцијал. Ризикот често се исплати. Но, луѓето повеќе сакаат да бидат на сигурно, да им тече стаж и така испуштаат многу можности. Не ни знаеме во што би можеле да се развиеме ако не преземеме ризик. Затоа сакам да ги инспирирам луѓето да излезат од таа комфорна зона, особено младите - да дојдат до височини за кои не ни сонувале - објаснува Десподов.

Искуството со Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс

Кога почнала да работи за Светска банка на проектот Doing business, мислела дека ќе ѝ биде тешко зашто немала искуство ниту од економија ниту од финансиско работење.
Сепак, се снашла толку добро, што на крај заклучила дека ужива во таа работа. Таму останала седум години. Вели дека можеби се сомневала малку во себе, но не дозволила тоа да ја спречи да се впушти во предизвикот, да ја прифати работата.

Искуството со Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс е непроценливо, како и сите други. Во рамките на тој ангажман го посетила седиштето на фондацијата во Сиетл. Ѝ било драго да види дека станува збор за скромни, непосредни луѓе, посветени на тоа што го работат.
- Многумина веруваат дека богатите луѓе инвестираат во општеството за да скријат нешто, да исперат гревови, да се пофалат, да ја зголемат вредноста на брендот. Овие луѓе навистина веруваат во тоа што го прават и мислам дека тоа ја прави целата приказна успешнa - вели Десподов.

Со Дан Тимотин, генерален директор на „Пивара Скопје“

Според неа, круцијално е економски моќните луѓе да бидат и филантропи и општествено одговорни. Неопходно е за опстанокот на човештвото и на планетата. Сепак, општествената одговорност не се состои само од филантропија и финансиска поддршка на невладини организации и на одредена кауза.
- Општествена одговорност е одговорно работење на самата компанија. Како таа оперира, како се справува со отпадот, како ги третира вработените, дали инвестира во нивниот развој... Сиве овие вредности сакаме да ги промовираме во Македонија и да ги насочиме нашите компании. Не можеме доживотно да се потпираме на странски фондации и донации за да ни ги решаваат проблемите во општеството. А очигледно во последните 30 години, за жал, ниту една влада немала капацитет да се фати во костец со овие проблеми - вели Десподов.

Лидер во решавањето социјални проблеми во блиска иднина ќе биде приватниот сектор, објаснува Десподов, но треба да се направи простор за да може да дејствува. Со моменталната регулатива нема многу простор. Многу е ригидно, обесхрабрувачки е за приватна компанија да инвестира во општеството. Таа дава еден сликовит пример.

- Лани собравме пари од нашите компании и изградивме сензорна градина - надворешна училница за децата со оштетен вид во школото „Димитар Влахов“ во Скопје. Во другите земји ова е одговорност на владата, тоа е наставно помагало, децата учат како да се ориентираат надвор, преку различни миризби, какво е чувството да газиш по различни подлоги... Приватниот сектор собра пари, ја направивме сензорната градина и на крај плативме ДДВ. На други компании им се случува да донираат во добротворни цели, да го искористат правото на поврат на ДДВ, па им се испраќаат инспекции, ревизии... Се чувствуваат како криминалци зашто сакаат да направат нешто добро - објаснува Десподов.

За мисијата на АмЧам

Американските стопански комори во секоја земја најчесто се формирани од локални организации - група бизнисмени кои сакаат да се здружат и да ги застапуваат своите права. Претежно се американски компании, но тоа не е правило. Бидејќи компаниите во светот сè повеќе се мултинационални, така и коморите стануваат мултинационални. Десподов објаснува дека сите Американски стопански комори се членки на United States Chamber of Commerce во Америка. Но, имаат тотална независност, буџети, независно работат. Таков е случајот и со АмЧам Македонија.

Како повторно се вратила во Македонија, и тоа како извршен директор на АмЧам? Како и многупати дотогаш, со животен и професионален пат кој не одел секогаш по нагорна линија, географски раштркана низ целиот свет, во еден момент се нашла во Тајланд. Почнала да бара работа и завршила во Американската стопанска комора во Тајланд како директор за комуникации. Тоа ѝ бил првиот контакт со ваков начин на работа. Полека работата ѝ влегла под кожа. Пред сè, затоа што коморското работење е динамично, разновидно и сосема се вклопило со нејзиниот карактер и нејзините афинитети.

Почетоците во АмЧам - Македонија

- Сфатив дека можеби сум имала предрасуди кон приватниот сектор. Почнав да ја гледам другата страна на приказната, многу нешта ми стануваа јасни, сфатив дека ако работиш во приватниот сектор, можеш да се ангажираш општествено. Тој аспект од работењето ми беше многу привлечен - раскажува Десподов.

По четири години во АмЧам во Тајланд почнала да расте желбата за нешто повеќе, за нешто поголемо. За да си најде нов предизвик, решила да даде отказ. Без да има план Б.
Две недели подоцна од другарката добила интересна е-порака - бараат извршен директор во АмЧам во Скопје.
- Си реков тоа е тоа. Комора е, дома е. Никогаш не мислев дека сум заминала засекогаш – оставав простор дека еден ден ќе се вратам, пред сè, затоа што претпочитам да работам во својата земја, за своите луѓе. Така, по 12 години се вратив дома. Враќањето беше лесно, нетрауматично, влегов веднаш „во машина“, како никогаш да не сум заминала - објаснува таа.

На Македонија ѝ се неопходни добри закони

Активностите на комората се разновидни и зависат од потребите на членките. Основната цел им е да обезбедат подобра бизнис-клима за сите – преку следење и реагирање на регулативите, давање фидбек таму каде што треба за да се осигурат дека регулативата не ги задушува бизнисите, туку им остава простор да растат и да се развиваат, и така да обезбедат економски раст.
- Работата е обемна, но не се предаваме. Организираме настани чија цел е вмрежување на нашите членки, или имаат едукативна компонента - да се развиваат капацитетите и потенцијалите на компаниите и на нивните вработени, промовирање општествена одговорност и одговорно работење на компаниите во целата операција - објаснува Десподов.

АмЧам е отворена за сите правни субјекти во државата, за невладиниот сектор, за образовни институции и членството континуирано расте. Придобивките се разновидни – поврзување со друга компанија од истата индустрија за размена на искуства, стекнување нови клиенти или соработници, влијание во носењето на законската регулатива која се однесува на економијата, доедукација и know how за дигитален маркетинг, човечки ресурси, како да се справувате со загуби при работа, сајбер-безбедност, особено за малите компании кои немаат потенцијал, кубурат со човечки ресурси... Ова им е шанса да научат многу работи. Сите настани се бесплатни за членките. Процесот за зачленување е ригорозен само од еден аспект - мора да работите стопроцентно легално.

Со министерот за финансии Драган Тевдовски

На прашањата каква е бизнис-климата во Македонија, кои се слабостите, каде е најголемиот потенцијал и каде се младите во целата приказна, Десподов е категорична - законската регулатива го задушува бизнисот.
- Кај нас погрешно се поставуваат законите. Создадени се за да можат да ги спречат нерегуларностите на работењето, ама во најлошите случаи. А најчесто тие, најлошите случаи, и така не работат во рамките на законот. Последиците се големи за компаниите што работат регуларно и прописно - само им се ставаат дополнителни оптоварувања. Потребни ни се закони кои функционираат за повеќето од компаниите, а со дополнителни мерки да ги надгледуваме и казнуваме тие што не работат, наместо да правиме закони со кои ги казнуваме тие што совесно работат. Ова е многу млад пазар, има огромен потенцијал. Секој ден излегувам од дома и ми текнуваат најмалку пет нешта што би сакала да ги има, а ги нема. И чудно ми е кога ќе чујам дека има толкава ставка на невработеност, а фалат толку многу работи. За тоа пречка е токму тој наш менталитет – чекаме некој нешто да ни даде, да ни овозможи, наместо ние сами да создадеме производ, услуга и да ја пополниме дупката на пазарот. Тоа е голем потенцијал кој треба да се искористи - вели Десподов.

Во жените има огромен неискористен потенцијал

Додека се качувала по нејзините скалила на успехот, ѝ помогнале неколку луѓе, учители, ментори, кои ѝ дале силна поддршка да се движи во вистинската насока. Затоа таа денес го прави истото. Ментор е во програма за развивање на лидерските способности на млади жени од Југоисточна Азија, поточно на девојка од Непал која студира во Америка.
- Веќе две години соработуваме, никогаш не сме се сретнале, но развивме многу убав однос. Се слушаме на две недели, ја советувам за развојот на кариерата, кој да ѝ биде наредниот чекор. И јас сум искористила од искуството и мудроста на постари колеги и сакам да им бидам поддршка, советодавец, извор на инспирација на помлади луѓе – вели низ насмевка Десподов.

Децидна е дека тие што го следат мотото „Бизнисот е свет во кој владеат мажите“ прават основна грешка - така неискористен останува потенцијалот на 50 отсто од светската популација. Со тоа сите губиме. Традиционално, жената долго време беше сместена во домашната сфера и немаше шанси професионално да се развива. За среќа, во последните 50 години тоа прилично се смени и денес очигледно е колку е голем потенцијалот на жените.

За време на градењето на сензорната градина за децата со оштетен вид во школото „Димитар Влахов“ во Скопје

- Само пред 100 години жените немаа ни право на глас, а да не зборуваме дека можеле да бидат на каква било работна позиција. Драго ми е што конечно разбираме дека жените и тоа како придонесуваат за развој на општеството и на бизнисот и докажаа дека можат апсолутно да се носат рамо до рамо со мажите. Иако сè уште не сме стигнати таму кај што треба да бидеме. Ако се жените половина од целата популација, треба да бидат 50% секаде застапени. Ние сме одлични во мултитаскинг, но кога треба да се грижиш и за работа, и за дома, и за родителите на кои им е потребна нега, не останува доволно време, енергија и фокус за да го достигнеме врвот на потенцијалот. Мажите треба да преземат половина од товарот на домашните обврски за да можат жените да придонесат професионално. Ова е битка која сè уште ја водиме и ќе треба уште многу да работиме на тоа - вели Десподов.

Проблемите со застапеноста на жената на глобално ниво се многу различни – ако во Америка не се платени исто како мажите, во Пакистан не им е дозволено ниту да одат на училиште. Затоа треба да се размислува системски, на глобално ниво како да се изедначат тие разлики.

- Тоа ќе придонесе да го оствариме полниот капацитет на жените. Јас не се задоволувам со комфорна зона, со сигурност. Не планирам тука да застанам. Не знам што е следно, но сигурно ќе биде нешто поголемо, попредизвикувачко, поризично. Сепак, многу сум задоволна каде што сум сега, особено затоа што сум во позиција да работам на подобрување на целото општество, а не само на бизнисот - вели Десподов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема