X
 23.02.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Тхе Мичо: Мислеле ќе му помине, а сега е еден од нашите најдобри и најнаградувани илустратори и стрип-цртачи

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

„Убаво е, си има хоби. Остај го, ќе му помине“ се зборовите што Михајло Димитриевски ги слушал како мал додека бил задлабочен во своите илустрации, острејќи го цртачкиот занает, со јасна цел еден ден тоа да му стане професија. Роден и израснат во Битола, популарниот Тхе Мичо далеку стигна од тие рани цртачки денови и веќе е етаблиран како еден од нашите најдобри и најнаградувани илустратори и стрип-цртачи. Неговото име стои рамо до рамо со легендите од светскиот стрип и илустрација, во книгата „The Sakai Project“.

Работел адвертајзинг за многу големи фирми и брендови за Балканот - „Мекдоналдс“, „Кока-кола“, Македонски телекомуникации, А1, за „Скопско пиво“, за „Прилепска пиварница“... Работел и за 5+ продукцијата, „Еднооки“, негови се голем број стрипови за „Студентски збор“, куп анимирани филмови. Но Михајло е и дел од содржината на детските списанија „Оправдано отсутни“ и „Голем одмор“.

Во моментов работи на стрипот Claim: A Song Of Ire And Vice за американскиот пазар. Тој е арт-директор на „Светот на Биби“, како и на првиот македонски долгометражен 2Д-анимиран филм „Џон Вардар против галаксијата“. Дел од игрите во чие создавање учествува се: Game of thrones, Valeria - card kingdoms, Raiders of the north sea, Claim, Paladins of west kingdom, Merchants Cove, Excalibur, Draculas dinner...



Не би бил битолчанец ако нема прекар, ама бидејќи во неговиот роден град веќе имало еден уметник што се вика Мичо, Михајло само го додал тоа Тхе, и ете му остана тој псевдоним уште од средношколските денови.

Сестри-стрипомани, па и тој да види што е работата

Растејќи во куќа во која постојано имало стрипови, Михајло се „гребел“ од неговите две постари сестри, кои биле стрипомани, па така и тој успеал да се навлече на убавината на илустрациите. Црта откако знае за себе и не одбирал на што. На почетокот омилено му било да ги шара книгите што ги имале дома.



- Уште од мал сакав да се изразувам со цртање. Имам среќа што имам две поголеми сестри кои читаа стрипови кога бев мал, па покрај нив и јас фатив нешто што ми привлече внимание. Голем дел од моите цртежи завршуваа по маргините на книгите што ги имавме дома. Морам да признам дека на луѓето им беше чудно тоа што го правев. Многумина велеа дека тоа е само хоби и дека ќе помине, па ќе станам или доктор или адвокат. Претпоставувам дека во тоа време, како и сега, нашите родители сепак сакаа да имаме некоја посигурна иднина во посигурна професија и дека сепак уметноста или нешто така поколоритно нема да ни овозможи квалитетен и удобен живот - вели Михајло.



Од стриповите учев да цртам и да читам

Почетоците на Тхе Мичо несомнено се поврзани со стриповите. Тие му биле прозорец кон светот. Првин преку илустрациите, а подоцна, откако научил да чита, преку текстот. Преку стрипот почнал и да учи друг јазик и да ја развива фантазијата, која е многу важна алатка што треба да ја поседува еден илустратор.

- Ние од таа генерација имавме можеби малку повеќе среќа бидејќи преку стриповите успеавме да изучиме друг јазик, освен македонскиот. Тоа беше српско-хрватскиот, бидејќи голем дел од стриповите, ако не и сите во тој период, беа баш на тој јазик. Секој треба да чита стрипови. Стриповите се забава и одмор и буквално има стрипови за секого. Така што почнав со стрипови, па со филмови, па со игри и тоа ме доведе до ова што сум сега и се надевам дека и во иднина ќе се занимавам со тоа. Во тој мој свет можам да цртам да уживам, да правам што сакам и нема никакви граници. Подоцна научив дека сепак и за цртањето треба човек да запне, па ете сè уште запнувам - додава Михајло.



Самоук цртач

Може слободно да се каже дека Тхе Мичо е самоук цртач. Желбата и љубопитноста за цртањето не го оставале мирен, така што тој постојано истражувал, купувал нови стрипови и контактирал со домашни автори со цел да украде некоја финта. Вели дека е среќен што се погодил во вистинското време на вистинското место, но неоспорен е фактот дека секогаш бил упорен во тоа што го прави.



- Кога те интересира професија што е малку чудна и не баш присутна во твојата средина, немаш ниту ресурси од кои би учел ниту многу луѓе што би ти покажале нешто. Во глобала, сè учев сам. Имав среќа што во тој некој транзиционен период излегуваа неколку домашни стрип-списанија, па исконтактирав со некои од авторите. Ама начелно, како и за сè, најважно е колку сакаш и колку можеш да се посветиш на нешто. Можеби сум имал среќа да бидам во вистинскиот момент или да се запознам со вистинските луѓе, ама сепак ако не работев и ако не се трудев секој ден со цртање и со стрипови, не верувам дека би направил нешто конкретно. Моментално е многу полесно човек да се занимава со илустрација и цртање од едноставна причина што веќе на светско ниво тоа е сериозна и ценета работа - вели Михајло.



Имам уште многу за учење

Цртачкиот стил на Михајло е постојано во движење. Како и сите други, така и тој морал да се приспособи на дигитализирањето на неговата професија, а со тоа и неговиот стил претрпел промени. И покрај огромното искуство и богатиот цртачки опус, тој сè уште не се тапка по рамото велејќи си дека конечно е задоволен од нивото на знаење на занаетот.



- Моментално работам дигитално. Со самото тоа и стилот се менува. Некои работи учиш да ги правиш, некои работи не знаеш да ги правиш, па ги криеш, а нешто не знаеш да нацрташ, па избегнуваш да го нацрташ тоа. Јас сметам дека имам уште многу за учење, па се надевам дека некој ден ќе речам дека сум на задоволително ниво. Мојот стил е претежно карикатурален. Претпоставувам дека тие што ме познаваат знаат дека влечам кон стариот cartoon network-стил. Така што за сметка на реализмот, заминав во насока на карикирање. А и побрзо е за цртање, односно со два потези ќе решам некоја сцена, па ќе кажувам дека е ептен арт и атмосферично. Моментално една од омилените теми за цртање, а и работата ми е таква, е да цртам чудовишта - кажува Тхе Мичо.



Совет за помладите: работа и само работа

Како што тој се советувал со постари автори кога почнувал, така сега е „мета“ на помладите со цел да извлечат совет и некоја тајна на занаетот. Тоа што важело за него им го пренесува на помладите. Да се биде професионалец, да се почитуваат зададените рокови и доколку се сака успех во оваа работа, да се третира токму како таква, односно да се работи нонстоп.

- Прастар сум. Во последно време ме контактираат помлади уметници, а јас им помагам колку што можам. Најчесто прашуваат работи околу занаетов и опремава. Никого не сум одбил и не ни планирам. Го советувам тоа што го знам, ама пак ќе речам, на крајот на денот ниту советите ниту опремата нема да го натераат човекот да работи. Најважно е да се има желба и љубов. А за старт, доволни се бел лист и молив. Треба многу да се работи. Едноставно работите мора да се завршат во одреден рок. Кога цртате за себе, тоа може да трае и неколку години. Ама за професионална работа, мора да му излезете во пресрет на предизвикот, или едноставно да оставите друг да го работи тоа - додава тој.



На среќа влегов во светот на игрите

Сосема случајно, но сепак благодарение на неговиот квалитет, Михајло навлезе во светот на игрите. Почнувајќи со илустрација за една игра, која брзо станала успешна, тој веднаш почнал да добива и други понуди, така што илустрациите за игри станаа негова главна професионална окупација.
- Тоа се случи пред пет-шест години. Ме контактираа преку социјалните мрежи и ме прашаа дали сакам да работам на друштвена игра со викинзи. Нормално, прифатив. За среќа, таа игра се покажа како навистина добра и по првите вести за играта почнаа да ми стигнуваат е-пораки за други игри. И ете, до ден-денес понудите не престануваат. На среќа влетав во овој бизнис. Имам чест и задоволство да работам со најголемите имиња во светот на друштвените игри. Сакам игри од секаков вид и отсекогаш сум играл, ама за жал со обврските и со сè што треба да се заврши, немам време да ги играм. За среќа, моите деца уживаат во нив, било да се мои игри било игри за плејстејшн - кажува Тхе Мичо.



„Игра на троновите“ ми е најмило достигнување

Во низата досегашни успеси, работата на играта „Игра на троновите“ Михајло ја посочува како досегашен врв во кариерата. Тој сè уште сака да црта за што било, иако главно е концентриран на друштвените игри. Иако не може да крене глава од работа, сè уште смета дека во Македонија тешко се опстојува од оваа професија, но се работи на случајот да се развие пазар и за овој занает.



- Моментално излегува стрип во САД базирани на една од моите игри - „Claim”. Кога зборував со издавачот, имаше дилема кој да работи на стрипот, бидејќи јас сум зафатен со игри и слично. И нормално, реков дека нема кој друг, туку јас ќе си го цртам стрипот. Барем досега, иако сите проекти ми се мили, најмногу ќеф ми направи играта „Игра на тронови“ бидејќи цртежите ги работев пред да излезе играта. Околу тоа дали кај нас се живее од цртањето, би рекол - не баш. Ама работиме да се смени тоа. Ние сме сиромашна земја со ограничени ресурси во моментов и луѓето првин мора да се концентрираат на преживување, а подоцна на забава. Се живее од ова, ама ако работиш за надвор. Работиме на тоа истото да го имаме и дома - вели Михајло.


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема