X
 17.06.2021 Живот

Начинот на живот на ова амазонско племе може да биде клучот за здраво стареење

Иако луѓето во индустриски развиените земји имаат пристап до модерна медицинска нега, тие не се движат доволно и јадат храна богата со заситени масти.

Спротивно на тоа, членовите на племето Чимане имаат малку или воопшто немаат пристап до здравствена заштита, но се исклучително физички активни и консумираат храна богата со растителни влакна, која вклучува зеленчук, риба и посно месо.

- Племето Чимане ни даде неверојатен природен експеримент за потенцијалните штетни ефекти на современиот начин на живот врз нашето здравје - вели авторот на истражувањето, Андреј Иримија, асистент-професор по геронтологија, неврологија и биомедицински инженеринг на Училиштето за геронтологија и инженерската школа „Ју-ес-си Витерби“.  

- Овие откритија покажуваат дека атрофијата на мозокот може значително да се забави од истите фактори на животниот стил поврзани со многу мал ризик од срцеви заболувања - додава тој.

Во истражувањето биле вклучени 746 возрасни луѓе од племето Чимане, на возраст од 40 до 94 години. За да направат скенови на мозокот, тие обезбедиле превоз за учесниците од нивните далечни села во Тринидад, Боливија, до најблискиот град.

Тимот ги искористил скенирањата за да го пресмета волуменот на мозокот и потоа ја испитал нивната поврзаност со возраста на луѓето од  племето Чимане, Следно, тие ги споредиле овие резултати со оние во три индустријализирани популации во САД и во Европа.

Во истражувањето објавено неодамна во списанието „Џурналс оф геронтолоџи“ научниците откриле дека разликата во обемот на мозокот помеѓу луѓето на средна возраст и луѓето во староста е 70 отсто помала помеѓу Чимане-членовите отколку кај западните популации. Ова посочува дека мозокот на припадниците на Чимане веројатно доживува многу помалку мозочна атрофија отколку мозокот на западните народи како што стареат; атрофијата е во корелација со ризик од когнитивно оштетување, функционален пад и деменција.

1
Фото: Michael Gurven/The UC Santa Barbara Current

Истражувачите забележале дека луѓето од ова амазонско племе имаат високо ниво на воспаление, што обично е поврзано со атрофија на мозокот кај западниот народ. Но, нивното истражување посочува дека високото воспаление нема изразен ефект врз нивниот мозок.

Според истражувачите, ниските кардиоваскуларни ризици кај луѓето од ова племе може да го надминат нивниот воспалителен ризик, поттикнувајќи нови прашања во врска со причините за деменција. Една можна причина е дека кај западните народи воспалението е поврзано со дебелината и метаболички причини, додека кај Чимане-народот тоа е управувано од респираторни, гастроинтестинални и паразитски инфекции. Заразните болести се најистакнатите причини за смрт помеѓу членовите на племето Чимане.

- Нашиот седентарен начин на живот и исхраната богата со шеќери и масти може да го забрзаат губењето на мозочното ткиво во текот на стареењето и да нè направат поранливи на болести како што се Алцхајмеровата болест - вели Хилард Каплан, професор по здравствена економија и антропологија на Универзитетот „Чепмен“, кој го проучувал племето Чимане речиси две децении.

- Чимане може да послужи како основа за здраво стареење на мозокот - додава тој.

Домородните жители на Чимане им го привлекоа вниманието на научниците кога претходно истражување открило дека имаат извонредно здрави срца дури и на постара возраст. Претходното истражување, објавено во „Лансет“ во 2017 година, покажало дека Чимане има помала преваленца на коронарна атеросклероза од која било популација позната во науката, како и тоа дека тие имаат малку фактори на ризик за кардиоваскуларни болести. Ниската стапка на срцеви заболувања кај околу 16.000 припадници на племето Чимане е многу веројатно поврзана со нивниот прединдустриски животен стил на лов, собирање, риболов и земјоделство.

- Ова истражување покажува дека ова племе се истакнува не само во однос на здравјето на срцето, туку и на здравјето на мозокот. Наодите укажуваат на големи можности за интервенции за подобрување на здравјето на мозокот, дури и кај популации со високо ниво на воспаление - вели Каплан.

Извор: Good News Network
Фото: Michael Gurven/The UC Santa Barbara Current
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот