„Сè повеќе млади во нашата земја носат тивка болка зад насмевките – болка што станува видлива дури кога ќе се осмелат да побараат помош. А ние, возрасните, сме должни да ја слушнеме и да реагираме навреме“, велат за Факултети.мк од Универзитетската клиника за психијатрија.
Уште во 2020 година во соработка на Министерството за здравство, Универзитетската клиника за психијатрија и УНИЦЕФ беа отворени две нови телефонски линии за поддршка на менталното здравје и психо-социјална поддршка на тинејџерите и на нивните родители и на родителите на деца со попреченост погодени од кризата со ковид-19.
Ова беше дополнителна поддршка на веќе воспоставената телефонска линија на Универзитетската клиника за психијатрија за родителите на децата од предучилишна и училишна возраст, која сега е отворена и за самите деца на училишна возраст.
- За време на пандемијата на ковид-19, Клиниката за психијатрија имаше активна телефонска линија за психолошка поддршка на младите, објавена и преку социјалните мрежи, која беше интензивно користена. Денес, иако телефонската линија не е активна, младите сè почесто доаѓаат на преглед кај детски и адолесцентни психијатри и психолози. Последниве години гледаме пораст на бројот на деца и тинејџери што бараат стручна помош. Пандемијата, промените во начинот на живеење, зголемениот академски притисок и постојаната дигитална изложеност оставија силен отпечаток врз нивното ментално здравје. Сè повеќе млади отворено зборуваат за своите чувства, но и за своите тешкотии - што е добар знак дека свеста се зголемува - открива д-р Билјана Гагачовска, супспецијалист за детска и адолесцентна психијатрија, асистент на Катедрата за психијатрија и медицинска психологија на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.
Д-р Билјана Гагачовска
Таа вели дека младите најчесто доаѓаат поради зголемена анксиозност, депресивно расположение, пад на академските перформанси, поради семејни конфликти, тешкотии во социјалната интеграција и нарушувања во спиењето и во апетитот.
Сè почесто се јавуваат случаи поврзани со булинг, дигитална изложеност и притисок од социјалните мрежи, што значајно влијае врз самодовербата и сликата за себе.
- Во последно време, освен овие проблеми, забележуваме и зголемен број случаи на дигитална зависност, вклучувајќи прекумерна употреба на видеоигри и социјални мрежи, патолошко коцкање, како и употреба на психоактивни супстанции. Присутни се и ситуации на родова дисфорија, кои кај дел од младите се придружени со дополнителен емоционален товар поради недостиг на разбирање од околината - вели д-р Гагачовска.
Д-р Билјана Гагачовска
Според неа, особено загрижувачко е зголемувањето на растројствата во исхраната – анорексија, булимија и нарушувања со компулсивно прејадување – кои често се јавуваат во комбинација со депресивни симптоми и ниска самодоверба, а се поттикнати од нереалните стандарди за изглед промовирани преку социјалните мрежи.
- Голем предизвик се и агресивните испади кои понекогаш прераснуваат во физичко насилство, но и самоповредувачките мисли и однесување како начин на справување со внатрешната болка. Сè почесто дијагностицираме панични напади и социјална анксиозност, кои значително го ограничуваат секојдневното функционирање на младите и нивната можност за нормално училишно и социјално вклучување. За жал, дел од младите пациенти ни откриваат дека имаат изразени мисли за самоубиство, а кај некои се регистрирани и конкретни обиди. Овие ситуации бараат итна, сериозна и мултидисциплинарна интервенција, со вклучување на семејството, училиштето и здравствените институции за да се обезбеди безбедна и поддржувачка средина за третман и закрепнување - потенцира таа.
Овие млади пациенти живеат во општество кое е полно со предрасуди и со осуди, постои мислење дека психолошката и психијатриската помош и терапија се прилично скапи, а срамот од исмејување меѓу врсниците е дополнителна причина тие да не бараат помош. А, според лекарите, најважно е да не се молчи.
- Добрата вест е дека помошта во државните здравствени установи е достапна за сите – со упат од матичен лекар закажан преку системот „Мој термин“ родителите плаќаат само партиципација за преглед. Тоа значи дека финансиската состојба не треба да биде пречка за да се добие професионална поддршка. Во многу училишта постојат училишни психолози или педагози, а центрите за ментално здравје во заедницата се уште едно место каде што младите можат да најдат разбирање и помош без дополнителни трошоци. Најважно е да не се молчи – секој разговор е прв чекор кон подобро утре - упатува доктор Гагачовска.
Само во првото тримесечје од 2025 година се регистрирани пет случаи на обиди за самоубиство, што е многу загрижувачки со оглед на тоа дека во 2024 година имало три такви случаи во текот на цела година. Преку телефонската линија на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ децата самите побарале помош, изразувајќи чувства на страв, гнев и вознемиреност.
Најчестите причини за нарушеното ментално здравје кај децата се нарушените односи меѓу родителите, особено по развод, булингот од страна на врсници, како и тензичните односи со наставниците. Минатата година над 200 деца побарале психолошка помош преку оваа телефонска линија. Особено е поразителен податокот дека најголем број од нив биле на возраст меѓу 7 и 9 години, при што машките деца се почести повикувачи.
Доколку вие или некој ваш близок има суицидни мисли и има потреба од психијатриска помош, обратете се кај вашиот матичен лекар и побарајте да ви закаже термин на Клиниката за психијатрија.
Истовремено, за децата и адолесцентите, родителите, старателите и просветните работници кои се соочуваат со некаков проблем, на располагање им е СОС-линијата „Ало, Бушавко“, каде што можат да побараат помош телефонски, преку порака или допишување. Телефонскиот број е 070/390-632.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.