Oд денеска е отворен Јавниот повик за доделување вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди во вредност од 15.300 денари за студенти, со цел набавка на преносен компјутер (лаптоп или All-in-One), таблет или десктоп компјутер, соопштија од Министерството за дигитална трансформација.
Оттаму додаваат дека целата процедура ќе се спроведува преку националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk.
Сите студенти може да аплицираат најдоцна до 20 декември 2025 година, а реализацијата на ваучерите, односно подигнувањето на уредите, може да се изврши до 31 декември 2025 година.
Критериуми за апликантите:
Студенти кои се државјани на Република Македонија.
Запишани во учебната 2025/2026 година (редовно или вонредно) на државна или приватна високообразовна установа во земјата.
Возраст до 29 години на денот на објавување на повикот.
1. Студентот се најавува на uslugi.gov.mk и ја поднесува апликацијата за услугата „Јавен повик за доделување вредносен ваучер за студенти за набавка на електронски уреди“.
2. Во процесот на аплицирање не е потребно прикачување документи. По успешно поднесување, системот генерира документ – Вредносен ваучер.
3. Со добиениот ваучер, документ за идентификација и потпишување на
Изјава за искористен ваучер (во продажниот салон на економскиот оператор), студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор, најдоцна до 31.12.2025 година.
Чекори за аплицирање за студенти кои НЕ се во евиденција на МОН
1. Доколку при аплицирањето системот утврди дека студентот не е во евиденција на МОН, тој автоматски добива известување и линк кон посебната услуга:
„Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за набавка на електронски уред за студенти кои не се во евиденција на МОН“, каде што треба да продолжи со апликацијата до 20.12.2025 година.
2. Во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда за редовен/вонреден студент, издадена од високобразовната установа во која е запишан.
3. По успешно комплетирање на апликацијата, системот генерира вредносен ваучер.
4. Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана Изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор најдоцна до 31.12.2025 година.
Тука можете да ја видите листата на економски оператори за реализација на ваучерите.