X
 02.02.2018 Живот

Теориите на заговор за 9/11 присутни и по 16 години

На 11 септември 2001 година, 4 патнички авиони беа киднапирани од радикални исламски терористи. Речиси 3.000 луѓе беа убиени кога авионите удрија во Светскиот трговски центар, Пентагон и во Пенсилванија. Неколку часа по колапсот на кулите-близначки во Њујорк се појавија низа теории на заговор кои се споменуваат и по 16 години.


Многумина велат дека ако се погледне снимката од ударот, ќе се види дека зградите се демолирани, а за тоа да се стори не е потребна голема количина експлозив, туку да се постави експлозивот на вистинските места. Така, се верува дека некој имал голем пристап во двете згради и многу време за тоа да го изведе. Но, за оваа теорија се поставува прашањето: Зошто биле потребни авионите?

Истрагите утврдија дека е јасно оти структурите на зградите биле ослабнати поради пожарот предизвикан од авионите и паднале поради колапсот на подот. И покрај тоа, луѓето одбиваат да веруваат во таа верзија.

Некои роднини на оние што го изгубија животот тој ден уште се обидуваат да добијат основни докази и информации од властите. Студија од 2016 година покажува дека повеќе од половина од Американците веруваат дека владата крие информации за нападот на 9/11. Некои податоци недостигаат, а некои делови од извештаите на американската влада со години биле редактирани.

Други сметаат дека владата намерно оставила да се случат нападите, па дури и дека била вмешана во нивното планирање. Експертите велат дека дел од ваквите теории на заговор е и резултатот што луѓето го слушаат – дека мала група на луѓе користи слабо оружје за да предизвика таква катаклизма. Природно е кога нешто важно ќе се случи, луѓето да сакаат да слушнат објаснување, велат експертите. Често, официјалните објаснувања се недоволни и незадоволувачки за луѓето, па затоа доаѓа до низа верзии и создавање теории на заговор, кои си ги споделуваат лицата што имаат исто или слично мислење за одредената ситуација.

Теориите на заговор биле тема на неколку книги и филмови. Конфузијата и хаосот од 11 септември 2001 се зголемија и со колапсот на уште една зграда во Менхетен истиот ден – „WTC7“. Оваа кула беше главниот фокус за луѓето што го поставуваа прашањето: „Што се случува?“ Таа зграда не беше погодена од авион, па така 2 авиона и 3 згради доведуваат до низа прашања. Би-би-си објави дека „WTC7“ се распаднала 20 минути пред да се сруши зградата. Според некои извештаи и анализи, зградата се срушила откако имало пожар на повеќето подови.

И покрај сите добиени информации, многумина, особено роднините на загинатите во страшниот настан, сè уште ја бараат вистината за 9/11 верувајќи дека многу податоци се кријат од засега непознати причини.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот