X
 18.07.2021 Наука

Живот на Венера или вулканска активност - научниците се поделени

Научниците беа изненадени од откривањето на гасот фосфин во атмосферата на Венера минатата година. Откритието беше потенцијален знак на живот во облаците над планетата бидејќи на Земјата овој гас се создава како реакција на органски процеси. Меѓутоа, истражувачи од Универзитетот „Корнел“ ја побиваат хипотезата.

Тие сметаат дека гасот е доказ за присуство на нешто сосема различно - експлозивна вулканска активност. Според нивната теорија, фосфидите, кои се соединенија што содржат фосфор, се исфрлаат во атмосферата преку вулканска активност. Овие соединенија потоа формираат фосфин преку реакција со сулфурната киселина што се наоѓа во атмосферата на Венера.

Според Џонатан Лунин, професор по физички науки на универзитетот, фосфинот не ни кажува за биологијата на Венера, туку за нејзината геологија. Тој покажува дека на планетата има или имало експлозивна вулканска активност.


Фото: Pixabay

Оваа теорија е во согласност со податоци од вселенско летало што поминало покрај планетата во 1990 г. Според фотографии направени од леталото, било заклучено дека површината на Венера е покриена со испупчени делови што наликуваат на вулкани и канали со лава.

Некои научници не се согласуваат со новите тврдења посочувајќи дека вулканската активност не може да создаде доволно фосфин кој би го објаснил минатогодишното откритие.

Во меѓувреме, Европската вселенска агенција и НАСА работат на мисии за истражување на Венера кои можеби ќе дадат повеќе одговори.

Извор: Futurism
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука