X
 05.02.2018 Култура

Најновите музички документарци што не смеете да ги пропуштите


Илустрација: Силуета на музичар на саксофон
(Фото: Pixabay)


Љубители на сите музички жанрови – обединете се! Најновите музички документарци покриваат сè, од калифорнискиот панк до 50-годишнината од постоењето на магазинот „Ролинг стоун“.

Еве кои документарци се објавени во последно време:

Rolling Stone: Stories from the Edge, 2017

Филмот се занимава со 50-годишнината на познатиот магазин „Ролинг стоун“, еден од највлијателните магазини во светот денес. Кога е во прашање музичката индустрија, овој магазин учествувал во кроењето на светот на популарната култура и на јавното мислење.

Документарецот е осмислен така што ја прикажува историјата на магазинот преку најголемите приказни што ги објавува „Ролинг стоун“, како на пример, интервјуто со Џон Ленон (непосредно пред неговата смрт) или приказната за претседателските избори во 1972 година. Овие приказни се важно историско сведоштво за тоа како се развивал и во што прераснал овој голем културолошки феномен.





May it last: A portrait of the Avett Brothers, 2017

Приказна за настанокот на хит-албумот „True sadness“ од 2016 година. Попатно, овој единствен портрет го покрива потеклото и настанокот на бендот од Северна Каролина, како и соработката со славниот музички продуцент Рик Рубин. Освен што ни го прикажува класичниот уметнички процес на создавање, филмот ни дава и увид во приватниот живо на браќата Авет.





Long strange trip, 2017

За фановите на бендот „Grateful Dead“, доаѓа приказна за генијалниот фронтмен Џери Гарсија и неговиот однос кон обожавателите. Овој опсежен документарец (што трае цели 4 часа) ја покрива долгата историја на бендот и неговите музички истражувања и промени.





Two trains running, 2016

Насловен според истоименото парче од Аугуст Вилсон, овој музички документарец првобитно требало да се вика „The blues house“. Приказната ја следи потрагата по двајца заборавени блуз-пејачи во Мисисипи, летото 1964 година. Документарецот е потцртан во контекст на борбата за човекови права, пред сè за правата на Афроамериканците.





Turn it around: The story of East Bay Punk, 2017

Овој филм е тука за да нè потсети на 30 години долгата историја на панкот во Калифорнија, и тоа до последен детаљ. Во центарот на вниманието е Беркли, градот во Калифорнија кој, извлекувајќи се од сенката на Сан Франциско, се воспоставил како нов Сиетл. Особено е нагласено значењето на концертниот простор во улицата „Гилман“ бр. 924, воедно и седиште на Фондацијата за алтернативна музика. За доживувањето да биде комплетно, нарацијата ја води славниот Иги Поп.





I called him Morgan, 2016


Во 60-тите години во Њујорк, Ли Морган бил неверојатно големо и значајно име. Особено бил важен за правецот во џезот познат како хард-боп, кој станал популарен на источниот брег на САД, така што одново ги споил џезот и блузот.

Меѓутоа, централната тема што се обработува во овој документарец е смртта на Морган – односно неговото убиство во џез-клуб, на 33-годишна возраст, што го извршила неговата сопруга.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура