X
 22.02.2018 Живот

Сите мажи на омилената прва дама

Најновата книга за животот на Жаклин Кенеди – „Џеки, Џанет и Ли“ од авторот Џ. Ренди Тараборели ѝ открива на јавноста досега непознати детали, особено за нејзиниот приватен живот.

фотоизвор: Profimedia

Сестрите Џеки и Ли уште од мали се одгледани парите и моќта да им бидат најважните работи во животот, а тоа секојдневно им го повторувала нивната мајка Џенет Ли Аучинклос, која зад себе имала два брака, еден со припадник на високото друштво склон кон прељуби, Блек Џон - Бувие, а другиот со неверојатно богатиот Хју Д. Аучинклос.

Сакала или не, Џеки ја послушала својата мајка, а воспитувањето ѝ влијаело и врз многу одлуки во животот, особено оние што се однесувале на љубовта.

Првиот маж со кој била поврзана бил синот на францускиот писател Џон П. Маранд, кој го запознала додека студирала во Париз. Со него, како што стои во книгата, ја изгубила невиноста и тоа во лифт од зграда. Џеки тоа ѝ го раскажала на својата сестра, но Ли веднаш кажала на мајка им. Кога Џенет проверила колкава е „вредноста“ на неговото семејство, ѝ забранила на Џеки да продолжи да се гледа со него.

Додека одела на факултетот „Васар“, се заљубила во трговецот Џон Хастед Џуниор. Парот веќе го избрал и датумот за венчавка, но на забавата за нивната свршувачка Џеки дознала некои финансиски детали. Се разбира, нејзината мајка добро се распрашала и дознала дека нејзиниот иден зет заработува 17 илјади долари годишно, што денес би била вредност од околу 160 илјади долари. Џеки знаела дека немаат иднина, па се упатила на аеродром и во неговата јакна го оставила свршеничкиот прстен. Џон подоцна изјавил дека била ладна како мраз кога го направила тоа.

Есента 1953 година Џеки се омажила за згоден и богат сенатор на Масачусетс, Џон Фицџералд Кенеди. Неговата политичка кариера била на самиот почеток и бил одличен избор за сопруг. Иако била свесна дека никогаш нема да ѝ биде верен, се согласила на сè само за да биде со него. Во бракот ги добиле ќерката Каролин и синот Џон Џуниор, но нивната среќа е прекината по атентатот во 1963 година, кога за време на парада во Далас е убиен 35-тиот претседател на САД, а Џеки станала вдовица.

фото извор: Profimedia

Угледниот архитект Џак Варнаки го запознала уште пред да почине Џон Ф. Кенеди, но станале блиски откако го ангажирала да го проектира „вечниот оган“ во меморијалниот центар за починатиот сопруг. Кога заминале на романтичен одмор на Хаваи во 1966 година, Џеки размислувала да се омажи со него. Еден ден двајцата имале искрен разговор за неговата финансиска ситуација. Тој ѝ признал дека има долг од околу 650 илјади долари. Во книгата пишува дека Џеки му рекла оти е сигурна дека тој ќе го реши тоа. Откако ѝ изјавил љубов, таа му рекла „збогум“. По раскинувањето останале пријатели, а Џек ѝ праќал писма за секој Свети Валентин, и тоа го правел сè додека не починала. Кога дознала дека боледува од Хочкинов лимфом, Варнаки повторно бил покрај неа. Кога ја прашал како се справува со дијагнозата, таа му одговорила: „Плачам одвреме-навреме. Најчесто под туш, каде што никој не ме слуша. Така е најдобро.“

Во годините по смртта на Џон Ф. Кенеди, Џеки нашла утеха кај еден од најблиските пријатели на Кенеди, поранешниот британски амбасадор Дејвид Ормбси Гор, познат како лорд Харлеч. Сепак, поранешната прва дама се омажила за постариот Грк Аристотел Оназис. 

фотоизвор: Profimedia

Во 2017 година на аукција се појавило љубовно писмо кое Џеки му го испратила на лорд Харлеч, а во кое открила зошто го одбива неговото запросување и го одбрала Оназизс наместо него. „Ако некогаш пронајдам утеха и го преболам сето ова, тоа мора да биде некој што никогаш не бил дел од мојот живот, моето минато и болка“.

Иако во врска со бродскиот тајкун била нејзината сестра Ли Радзвил, на крај во брак со Оназиз стапила Џеки. Без да знае сестра ѝ, Џеки ја прифатила понудата на Оназис и му се придружила на островот Скорпиус во 1967 година. Брзо се воодушевила од него. Ли била бесна, но сепак одлучила да се сретне со поранешниот партнер и сестра си во Грција во 1968 година. Кога ја здогледала својата сестра како се смее после долго време, Ли одлучила да ѝ го препушти Оназис и да ја остави на мир.

По смртта на Оназис, Џеки е поврзана со уште еден маж – Морис Темпелсман. Многумина тврделе дека овие двајца се сродни души. Со него конечно ја пронашла среќата. Се запознале во 50-тите години кога Темпелсман договорил состанок со Кенеди и водечките луѓе од бизнисот со дијаманти од Африка.

Емоционално испразнета по смртта на вториот сопруг, Џеки одлучила да живее во Њујорк. Токму Морис бил првиот што ѝ понудил помош и ги прифатил нејзините деца и внуци. Заедно поминале 12 среќни години, до нејзината смрт во 1994 година.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот