X
 03.10.2017 Култура

Погледнете го „Дете“ - краток филм за виртуелното бегство

Ексклузивно на Факултети.мк погледнете го студентскиот краток игран филм на режисерот Раша Петровиќ, „Дете“. Да се влезе поблиску во животот на еден пасиониран гејмер и да се доживее неговото секојдневие – тоа била идејата на режисерот, кој е апсолвент на Филмската академија во Штип. Судбината на кратките филмови многу често е „тажна“, односно мала публика може да ги види на премиера или на некој фестивал.



-После фестивалите, филмовите најчесто остануваат само на профилите на режисерите и освен директно споделување линкови на некој што изразил желба, остануваат без шанса да ги види поголема публика. Можеби ова е еден од начините овој филм да го погледне и пошироката публика – вели Петровиќ.

„Дете“ е снимен лани и беше прикажан „Синедејс“ и на „Браќа Манаки“.

-Во една многу кратка форма филмот се занимава со безизлезноста која ги турка луѓето во виртуелно бегство, социјална и општествена неизвесност, чувство на отфрленост и маргинализација, но понекогаш и личната неодговорност пред секојдневните животни предизвици. „Дете“ е филм за една реалност што се случува во Скопје, а сепак е приказна која е многу пошироко распространета и се случува насекаде низ светот – вели Петровиќ. Филмот е работен ентузијастички, без буџет, благодарение на желбата на целата екипа. Улогите ги толкуваат: Гораст Цветковски, Јелена Јованова, Ѓорѓи Јолевски, Викторија Анѓушева и Анастас Тановски.

-Актерите се избрани според тоа како сум ги визуализирал ликовите, односно доживеани за време на пишувањето на сценариото и потоа одбрани според нивните актерски способности, кои мислам дека добро се гледаат. Актерите пронајдоа дел од себе во сценариото и прифатија да бидат дел од филмот. Нивната енергија, посветеност и професионалниот однос што го имаа за време на снимањето го направија филмот таков каков што е. Им благодарам на целата екипа и на сите што го помогнаа филмот – вели режисерот.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура