X
 11.04.2021 Наша тема

Како видеоигрите од забава прераснаа во професија? Гораст Цветковски и Бобан Тотовски за гејмингот во Македонија

Нашите соговорници велат дека кај новите генерации е зголемен интересот за играње, а постепено се менува и демографијата. Односно и женската популација е сè почесто застапена во овие кугови. Споделија и искуство за тоа дали младите денес гледаат на гејмингот како на хоби или како начин за заработувачка

Во многу земји играњето видеоигри повеќе не е хоби, забава и релаксација, туку професионален е-спорт од кој се заработува. За него постојат официјални клубови како и во фудбалот, кошарката, ракометот. Јужна Кореја е една од државите што многу вложуваат во развојот на е-спортот. Таму е-спорт атлетите (играчите) добиваат плата и здравствено осигурување. Во САД, пак, се издаваат специјални визи за е-спорт играчи, како посебна категорија.
Според првиот човек на Македонската е-спорт федерација, Бобан Тотовски-Тото, ние како држава воопшто не вложуваме во овој е-спорт, па токму поради тоа развојот на гејмингот кај нас не е на задоволително ниво.

- За жал, не е на потребното ниво поради неколку фактори, но најважни се финансиите и официјализацијата. Сè што досега е постигнато е направено од страна на МЕСФ со лични финансии и спонзори. Град Скопје често ни помага, а досега двапати имаме добиено помош и од Агенцијата за млади и спорт. За време на карантинот, е-спортот доби значително поголемо влијание, постепено се враќа популарноста и се надеваме дека по официјализацијата многу повеќе компании ќе вложат во развој на тимови и играчи - вели Тотовски.


Бобан Тотовски-Тото

Како се станува е-спорт атлета?

Тотовски објаснува како се станува е-спорт атлета.
- Тоа, пред сè, зависи од самиот играч, дали има желба, знаење и трпение професионално да пристапи кон е-спортот. Многу луѓе играат тенис, кошарка и фудбал како хоби, но постои систем како се станува професионален спортист, па слични се правилата и во е-спортот - објаснува Тотовски.

Актерот Гораст Цветковски во последните неколку години даде голем придонес за развојот на гејмингот во Македонија. Тој е еден од главните „виновници“ за размрдување на сцената, но и за приближување на видеоигрите до пошироката јавност. Во 2013 година со уште двајца пријатели ја основа МАГДА – Македонска асоцијација за развивање игри, која го организира првиот Global Game Jam Македонија - 48-часовен маратон во правење игри. Потоа се појавува поткастот или јутјуб-каналот GG.MK, во тој период, како најголемиот двигател на гејминг-заедницата кај нас.


Гораст Цветковски

Може ли да се заработи?

- Од 2004 до 2005 година гејмингот и е-спортот паднаа во клиничка смрт. Дотогаш се играше по играчници и дружењето/натпреварите беа вистински, но тогаш се појави брз интернет и за дома, па така луѓето сè повеќе се повлекуваа на своите компјутери. И тоа траеше долго време. Денес, пак, секој понеделник од 21:00 сите гејмери, љубители на хардвер, игри, стрипови, филмови, косплеј можат да дојдат на www.gg.mk и еден и пол час да разговараат за најважната споредна работа на светот без никој да им негодува за тоа. Што се однесува до е-спортот, веќе има неколку здруженија што работат на промоција и унапредување на неговата позиција во државата. Тука се МЕСФ и МЕСА, кои работат на сите канали во светски размер - објаснува Цветковски.



Според него, кај нас популарни спортови кубурат со буџети, има превирања и интриги за нерегуларност и непотизам во управувањето и водењето, па аналогно на ова е-спортот засега е во сенка и го чека својот светол ден. Но, силно верува дека еден ден и овде е-атлетите ќе може да живеат од играње.

- Тоа за многу деца и млади е веќе начин за плаќање кирија и школарина. И тука не ги ставам само оние мегастримери кои заработуваат милиони, туку и многу помали кои заработуваат солидно. Треба да се разграничи заработување од играње на стрим/јутјуб и професионално играње на турнири. Едните се сметаат за јутјубери/контент мејкери/гејмери, а другите се нарекуваат е-атлети кои се подложни на тренинзи, предавања итн. Најчесто имаат различна публика, различни обожаватели, а и различни примања - вели Цветковски.

За тоа дека сме поднебје кое крие таленти кои носат надеж за успесите на нашата земја во оваа област, потврдува и Тотовски. Го прашавме дали можеме да се пофалиме со имиња кои заработуваат од играње?

- Засега е само Сакса, кој е многу успешен во „Дота2“ и одлично заработува. Имаме во развој уште неколку имиња, би го споменал тука Cacanito, кој годинава ја започнува својата професионална кариера. Минатата година на првиот Европски куп на нации освоивме прво место во „League of Legends“ и второ место во „Counter Strike:GO“. На Светското првенство најмногу сме стигнале до четврт-финале во CS:GO - вели Тотовски.



Низ годините видеоигрите се модифицираат од сите аспекти, стануваат посовремени, дел од нив графички се приближуваат дури и до реална слика и изгледаат како да гледате филм.

- Mожам да се сетам на првата игра, тоа беше „Moon Patrol“ (Мун патрол), која ја играв на 5-6-годишна возраст во хотел во Струга. Татко ми нè носеше мене и брат ми додека мајка ми гледаше „Династија“. Флиперите ми беа неверојатна возбуда, потоа „ZX Spectrum“, „Comodore 64“, „дискетар“, па следуваше „Nintendo“ (Нинтедо), „Sega Mega Drive“(Сега Мега Драјв). Во 1992 година во нашиот дом влезе персонален компјутер. Сакам игри што имаат приказна која ме води со недели и месеци, со добра графика, во кои можам да се поистоветам, да се сосредоточам, емотивно да потонам, да ме држи играта и кога не ја играм. Сите легнуваат да спијат, а јас седнувам саат-два, со цел да киднам некаде каде што можам да си купам подобри нозе за да скокнам двапати во воздух. Во моментов играм „Cyberpunk 2077“ (Сајберпанк 2077) - рече Цветковски.

Играњето не е замена за читање, спорт, дружење

Нашите соговорници велат дека кај новите генерации е зголемен интересот за играње, а постепено се менува и демографијата. Односно и женската популација е сè почесто застапена во овие кугови. Споделија и искуство за тоа дали младите денес гледаат на гејмингот како на хоби или како на начин за заработувачка.
- Децата и младите секогаш имале пасија кон игрите. Професионалното играње е многу напорен, макотрпен процес кој неретко е толку многу тежок, што убавината и ќефот од играњето се губат и тоа станува класична работа. Има многу случаи каде што е-атлети, преоптоварени од одговорноста, „пукаат“ емотивно и се откажуваат од професионално натпреварување. Дополнително тука е талентот, како и во секој спорт, па така не значи дека секој што игра игри може да стане е-атлета - вели Цветковски.

Тој нагласува дека играњето игри не треба да ги занемарува другите аспекти кои се есенцијални за умствено/телесно развивање: читање книги, спорт, дружење, кафеани и социјализација.
- Јас во средно училиште играв со саати, со денови, но оценките и поведението ми беа одлични, имав пријатели и излегував со другари. Тренирав кошарка и посетував часови по гитара. Моите родители немаа адут да ми го прекинат или оспорат времето поминато во играње. Тоа е најјакиот аргумент на секое дете, ученик или студент. Средете ги овие сегменти и никој нема да ви забрани  да играте - нагласува Цветковски.

Тој вели дека би бил среќен да имаме претставници, а со време и тим кој ќе го вее македонското знаме, ќе го носи македонскиот дрес и цела држава ќе се зрачи пред монитори заедно да го бодри и да се гордее со него на натпревари.

- Да се направи државна стратегија за поддршка за отворање студија за развивање игри. Стратегија за воведување на сите сегменти на гејмингот во образовниот систем. Би бил среќен да се направи план од државата да се поддржат гејмингот и е-спортот - вели Цветковски.
Претседателот на Македонската е-спорт федерација смета дека е-спортот треба да влезе во образованието.
- За почеток, секако, преку приватни образовни институции и преку курсеви. Во иднина сигурен сум дека ќе стане и дел од формалното образование. Значи не станува збор за учење на игрите (како се игра), туку за едукација за пошироките сегменти во е-спортот - вели Тотовски.

Што е гејмификација?

Гејмификација претставува примена на гејмерски принципи во негејмерско опкружување. Се применува во бизнисот, образованието, спортот, педагогијата, политиката, управувањето со отпад и други области. На пример, во маркетингот, гејмификацијата најчесто се применува за зголемување на лојалноста на купувачите.

- Кај нас ретки се примерите да се користат игрите за друга цел, на пример, за едукација и за работа со лица со попреченост. Можностите се огромни и се надеваме дека во иднина ќе можеме да започнеме и со такви активности - вели Тотовски.

Секоја година се одржува е-спорт лига. Победниците на првата лига се дел од македонската е-спорт репрезентација. Се чека на Светската федерација да ги објави официјалните игри во кои ќе се натпреварува во 2021 година. Сите натпревари се одвиваат според правила и прописи кои ги пропишува МЕСФ, со присуство на официјални судии и администратори. Во меѓувреме е-спорт атлетите напорно се подготвуваат за натпреварите.

Проверете каде ќе се вклучите и не претерувајте!

Е-спорт атлетата Александар Ќулукоски – Cacanito вели дека големите настани и турнири се причината поради која одлучил хобито да го претвори во професија.


Александар Ќулукоски

- Времето поминато пред компјутер со цел усовршување на индивидуалните и тимските способности секогаш е различно. Кога се спремам за некој настан, тогаш може да биде и повеќе од 10 часа, но во принцип се трудам тоа да биде помеѓу 6 и 8 часа. Како професионален играч, мора да сте дисциплинирани, фокусирани и да го дадете својот максимум за дадената задача да биде исполнета докрај. На индивидуално ниво очекувам конечно да го освојам првото место во единствената професионална лига во светот FPL ( Fantasy Premier League ), додека на тимско ниво очекувам да стигнеме меѓу најдобрите 30 екипи во светот - вели Ќулукоски.



Инаку, Тотовски советува секој поединечно пред да се приклучи кон некоја група, компанија или организација, прво да направи мало истражување за кого станува збор.

- Многу субјекти се обидуваат да заработат на товар на гејмерите, притоа не внимавајќи воопшто на негативните последици. Најважно од сè е да не се претерува со гејминг за сметка на физичкото здравје и друштвениот живот. GLHF! (GOOD LUCK HAVE FUN) – додава тој.

Фото: Приватни архиви на соговорниците

Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема