Македонската физичарка Билјана Митреска е постдокторски истражувач на Универзитетот во Манчестер, во полето на физика на елементарни честички и воедно соработник на ЦЕРН. За Факултети.мк, Билјана открива како е да се работи со најдобрите научници од целиот свет.
- Работам во голема колаборација на научници од ЦЕРН каде што контактирам и соработувам со научници од целиот свет. Атмосферата е инспиративна и овозможува голема продуктивност во научните истражувања. Во моментов работам на повеќе проекти од кои дел се поврзани со откривање нови честички надвор од Стандардниот модел на елементарните честички. Исто така, дел сум од изработката на софтвер за преземање податоци во „реално време“ додека настануваат судирите во Големиот хадронски судирач и соработувам со теориски физичари на феноменолошки интерпретации на резултатите од хадронскиот судирач - вели Митреска.
Таа е прогласена и за најдобар млад научник во ЦЕРН, кој е најголем центар за истражување на елементарни честички во светот и, како што вели, тоа ѝ е мотивација за понатамошна работа и истовремено ѝ ги отвора вратите за нови хоризонти во науката.
Интересот за физиката кај Билјана бил љубов на прв поглед. Уште во основно училиште била заинтересирана за физика и почнала да се подготвува за регионални и државни натпревари.
- Во самиот тој процес откривав разни концепти од физиката каде што ме фасцинираше начинот на кој сите појави околу нас можат да бидат егзактно објаснети преку математички апарат. Јас сум инволвирана во експериментална физика на елементарни честици. Работам на анализа на податоци од судири на честички од кои се проучуваат нивните карактеристики, како што се разликите на материја и антиматерија и откривање нови честички - објасни нашата истражувачка.
Билјана го сподели и своето искуство додека студирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Имав позитивно искуство од студирањето на ПМФ. Прво од интеракцијата помеѓу професорите и студентите и можноста за работа на студиски научни проекти кои беа вовед во научно истражување кое ми помогна понатаму во кариерата - вели таа.
Таа направи споредба на британската академска средина со македонската и ги откри сличностите и разликите.
- Во британската академска средина универзитетите се многу поголеми од оние во Македонија. На пример, на Факултетот за физика секој професор има своја група на научници со постдокторанди, докторанди и магистранди кои работат на разни научни проекти. Постои национална фондација за наука која секоја година финансира постдокторанди и докторанди, така што секоја година имаме некој нов во групата. Докторските студии најчесто се финансирани од вакви проекти и константно има отворени позиции за нови студенти да се вклучат. Во македонската академска средина овој концепт не постои, така што самата заедница на научници е многу помала. Велика Британија е членка на ЦЕРН и на разни други организации кои даваат разни можности за млади научници. Македонија во моментов не го нуди овој дел - образложи Билјана.
Се чини дека македонскиот образовен систем продуцира одлични ученици и кадри, но не ги препознава кога е најпотребно и тие продолжуваат да се градат и развиваат во странство. Едно од решенијата, како што вели Билјана, е соработка на македонските факултети со странски универзитети и организации.
- Моментално има недоволно финансирање на науката во високото образование за студентите по дипломските студии да се ангажираат да работат на научен проект и тоа е најголемиот пропуст во системот. Освен вклучување на македонските факултети во европски проекти, добро би било да се направи чекор кон колаборации со странски универзитети и организации - вели Билјана, додавајќи дека во следниот период ќе биде во Манчестер и ќе аплицира на повеќе проекти со цел да финансира студенти и да воспостави мала група на научници.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.