X
 18.08.2025 Живот

Град од 3.000 жители преплавен од 100.000 туристи поради полиња со лаванда

Шпанскиот град Брихуега, кој има само 3.000 жители, а е познат по своите виолетови полиња со лаванда, ова лето привлече повеќе од 100.000 посетители. Овој период се совпаѓа со цветањето на лавандата и со одржувањето на фестивал во нејзина чест. Големата популарност во голема мера се должи на тоа што Брихуега стана инстаграм-дестинација од соништата.

Децениска туристичка експанзија

Во изминатите десет години бројот на туристи постојано расте, а благодарение на полињата со лаванда, Брихуега доживеа вистински процут со што порасна бројот на жители, локалната економија заживеа, а само оваа сезона во регионот лавандата донесе дури 8 милиони евра.

Сепак, со популарноста доаѓаат и проблемите. Локалната инфраструктура за време на викендите тешко издржува ваков голем прилив на туристи.

Викендите таму се вистински хаос. Улиците се преполни, автомобилите се паркирани насекаде, а локалната заедница едвај се справува со толкав број посетители. Токму затоа, градоначалникот Луис Виехо апелира туристите да го посетуваат местото во работни денови затоа што викендите станаа неподносливи.

План за ново паркиралиште и организиран превоз

Во Брихуега, која се наоѓа во провинцијата Гвадалахара, на околу 90 километри од Мадрид, се планира изградба на големо паркиралиште надвор од центарот. Оттаму, туристите би биле превезувани со автобуси до полињата, каде што засега влезот е бесплатен, па бројот на посетители не може да се ограничи.

Извор: Womeninandria.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот