Ние практично го живееме целиот живот преку нашите телефони - од одржување контакт со пријателите на социјалните мрежи, преку деловни е-пораки, па сè до управување со нашите финансии.
За жал, нашата зависност од технологијата нè прави подложни на измамници кои се обидуваат да ги испразнат нашите банкарски сметки со сите можни средства.
Телефонски повик што предизвикува анксиозност или досадна СМС-порака за некаква реклама може да биде сè што е потребно за да видите како парите исчезнуваат од вашата сметка.
Истражување на „Епдом“ откри дека 41 отсто од потрошувачите во Велика Британија биле измамени преку злонамерен софтвер или сајбер-напади, директно или индиректно.
И додека стануваме сè посвесни за овие тактики на измама што постојано се менуваат, сè уште можеме да станеме жртва, можеби дури и без да сфатиме.
Експертот за сајбер-безбедност Акаш Махаџан, основач и извршен директор на „Клаудл“, вели дека постои еден најсигурен знак дека вашиот паметен телефон е хакиран.
- За разлика од компјутерите, паметните телефони ретко покажуваат очигледни знаци на компромитираност сè додека не настане значителна штета - објаснува Махаџан.
Ако вашата батерија почне да се троши побрзо, тоа би можело да биде причина за загриженост.
- Брзото празнење на батеријата служи како еден од ретките системи за рано предупредување што им се достапни на секојдневните корисници. Будното следење на перформансите на батеријата може да биде вашата прва линија на одбрана од овие сè пософистицирани закани - вели Махаџан.
Тој објаснува дека трошењето на батеријата се случува затоа што софтверот за хакирање често работи во заднина, пренесувајќи ги вашите податоци на оддалечени сервери, следејќи ги вашите активности или користејќи ја процесорската моќност на вашиот телефон. Сето ова троши забележително количество енергија.
- Кога вашиот целосно наполнет телефон одеднаш ќе почне да се празни многу побрзо од вообичаено без никаква промена во вашите навики на користење, тоа е показател дека во заднина работи злонамерен софтвер - додава Махаџан.
Безбедносниот експерт ги препорачува следниве чекори за корисниците на мобилни телефони што се сомневаат дека нивниот паметен телефон е хакиран.
Итно исклучете се од сите мрежи
Активирајте го режимот на летање и исклучете ги безжичниот интернет и блутот. Ова ја прекинува врската меѓу вашиот уред и потенцијалните хакери, спречувајќи понатамошна кражба на податоци додека го решавате проблемот.
Направете целосно безбедносно скенирање
Инсталирајте реномирана апликација за мобилна безбедност од вашата официјална продавница за апликации како што се „Гугл плеј“ или „Епл ап стор“ и извршете целосно скенирање на системот.
Овие алатки можат да ги идентификуваат и отстранат повеќето облици на злонамерен софтвер што можеби се кријат на вашиот уред.
Променете ги сите критични лозинки
Користејќи друг, некомпромитиран уред, веднаш променете ги лозинките за вашата е-пошта, банкарски апликации, социјални мрежи и други важни услуги. Направете силни, уникатни лозинки и овозможете повеќефакторска автентикација каде и да е достапна.
Ажурирајте го и исчистете го вашиот уред
Ажурирајте го вашиот оперативен систем на најновата верзија.
Отстранете ги сите сомнителни или непознати апликации и одземете им ги непотребните дозволи, особено оние што бараат пристап до вашите контакти, камера или локација.
Пријавете го инцидентот
Погрижете се да ги пријавите сериозните инциденти со сајбер-криминал до соодветното надлежно тело.
За финансиска измама, веднаш контактирајте ја вашата банка; тие имаат специфични протоколи за справување со вакви инциденти.
Извор:
Unilad.com
Фото: Magnific