X
 18.11.2025 Живот

Како би изгледал светот потопол за 3 степени? Научниците предупредуваат дека тоа би било вистинска катастрофа

Мегаградови што ќе ги проголта растечкото ниво на морето. Соголени планини, стопен мраз што некогаш ги красел нивните врвови. Ледени плочи што се топат во океаните. Морско дно прекриено со морничави костури од мртви корални гребени. Ова не е сценарио од филм за катастрофи, туку реална слика на светот кон кој се движиме додека глобалното затоплување расте, а кај политичарите нема волја за решавање на климатската криза, предупредуваат научниците.

Низа извештаи објавени во изминатиот месец ја опишуваат мрачната иднина, а најлошите влијанија од климатската криза се случуваат децении порано од предвиденото.

Целта од 1,5 степен не може да се достигне

Иако државите во светот со Парискиот договор во 2015 година се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен над прединдустриското ниво, нивните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови, според најновите анализи, не се доволни за да се постигне таа цел и да се спречат најлошите последици од климатските промени.

Меѓународната агенција за енергија во средата заклучи дека ветувањето за 1,5 степен не може да се достигне бидејќи светот и понатаму се потпира на фосилни горива. Истото го утврдија и Обединетите нации во својот годишен извештај кој покажа дека светот е на пат кон затоплување од 2,3 до 2,5 степени до крајот на векот и тоа само ако владите ги спроведат своите најнови ветувања. Во спротивно, нè очекува затоплување од околу 2,8 степени, со 20 отсто шанса да се надминат и 3 степени.

Од друга страна, ова може да се смета и за успех; во 2015 година, кога беше потпишан Парискиот договор, светот одеше кон затоплување од дури 4 степени.

Како би изгледал светот ако би бил потопол за 3 степени?


Светот досега се загреа за околу 1,4 Целзиусови степени, а веќе сведочиме на невидени временски екстреми, како топлотниот бран во 2021 година што усмрти стотици луѓе во САД и Канада.

Затоплување над 2 степена може да предизвика катастрофални и потенцијално неповратни пресвртни точки, како колапс на ледените плочи, што би довело до катастрофално покачување на нивото на морето и потопување на крајбрежните градови.

Напредок кој не е доволен

Јоери Рогел од Кралскиот колеџ во Лондон, кој работел на секој извештај на ОН за емисиите од 2010 година, вели дека проекциите за идното затоплување се намалиле со текот на годините затоа што државите презеле чекори за намалување на емисиите. Тој истакнува дека движењето кон 2 до 3 степени е исклучително опасно за секоја земја, особено за оние во развој кои имаат најмалку ресурси за приспособување. Екстремните временски настани покажуваат дека државите не успеваат да се приспособат дури ни денес.

Неизвесна иднина


Некои истражувачи предупредуваат дека дури ни сценаријата со повисоко затоплување не можат да се исклучат. Климатскиот научник Кејт Марвел објаснува дека климатскиот систем е исклучително сложен.

- Дури и 2 до 3 Целзиусови степени се застрашувачки. Затоплувањето што го гледаме веќе предизвикува сериозни нарушувања, а ефектите не растат линеарно. Порастот на нивото на морето не е голем проблем сè додека не ја надмине вашата заштита од поплави. Сушата е поднослива сè додека вашиот град или фарма не остане без вода - објаснува таа.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот